Ова е едно од најбрзите јадења за кое не треба да извалкате многу садови, сè се приготвува во една поголема тава на рингла, и месото и сосот се спремаат за многу кратко време, а добивате врвен ручек, каков што го приготвуваат во елитните ресторани. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: пилешко бело месо (филети), 5 чешниња лук, 3 супени лажици мед, 1 супена лажица оцет (вински, балсамико или јаболков), 20 г путер, 1 супена лажица масло, сол, црн пипер, мајчина душичка и други зачини по ваш вкус




ПОСТАПКА: Месото ако е дебело исечете го на потенки филети или исчукајте го со чекан за месо. Потоа, направете мешавина од зачини (сол, црн пипер и кумин) или пак, директно посолувајте го и запиперувајте месото од обете страни.




Во широка нелеплива тава загрејте малку масло на умерена температура, па наредете ги пилешките филети и пржете ги од двете страни по 3 минути, или приближно вкупно 5-6 минути (ако се потенки филетите, тогаш пржете ги пократко време).




Направете место во средината или помеѓу филетите ставете го путерот да се растопува, а потоа на истото место додајте пет-шест чешниња лук истиснати низ преса или многу ситно исечкани и на крај ставете и неколку гранчиња свежа мајчина душичка или половина лажичка сува билка.




Динстајте го месото на путер уште една минута на умерена температура. Потоа додајте три полни супени лажици мед распоредени насекаде низ месото, па промешајте додека да се загрее и разреди заедно со сокот од месото.




Најпосле додајте една лажица јаболкова/винска киселина и намалете ја температурата. Оставете да крчка на тивко уште три минути со повремено промешување и превртување на месото.




Вака приготвеното месо е многу сочно со неверојатен вкус (слатко-солено-кисело). Сервирајте со некој ваш омилен прилог и уживајте во брзиот, а вкусен ручек. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.