Фото и рецепт на Веселка Кузмановска – Пилешко со печурки во бешамел.

Ако не знаете што да приготвите за утрешниот ручек, еве еден одличен предлог на нашата драга членка Веселка Кузмановска кој го објави во групата НМД рецепти.

Потребни состојки:

800 г пилешко бело месо
кари, сив зачин, црн пипер по вкус
300 г маринирани печирки
50 г путер
50 г брашно
700 мл млеко
1 морско оревче мелено
2 лажици рендан пармезан
1 лажица сенф

Постапка:

Пилешкото измијте го под млаз ладна вода, исцедете го, па исечете го на ситни коцки. Зачинете го со сув зеленчукот зачин, црн пипер во прав и кари во прав. Убаво измешајте го со лажица или раце за да се опфати од сите страни.

Најдобро е доколку месото сте го маринирале одвечер, но сосем е добро и доколку го зачините пред самото пржење. Значи, васа ситно исечкано и зачинете пропржете го на малку загреано масло.

Маринираните печурки исцедете ги од маринадата, исплакнете ги со ладна вода и додадете ги во месото заедно да се пропржат додека да заруменат малку.

На страна пригответе го бешамел сосот: Во тенџере на умерен оган растопете 50 г путер, додадете исто толку брашно и запржете го кратко, а после неколку минути започнете да го додавате млекото.

Зачинете го по вкус и гответе го бешамелот до саканата густина. Додадете мелено морско оревче. Потоа бешамелот додадете го во прженото месо со печурки, промешајте и додадете 2 лажици рендан пармезан и 1 лажица сенф.

Вкусете и по потреба зачинете. Јадењето гответе го уште 10-тина минути на тивко, со постојано мешање за да не загори, а состојките да си ги попримат вкусовите. Добар апетит.

Фото и рецепт на Веселка Кузмановска