Пред неколку години го пробав овој рецепт и сега стана многу чест додаток при разни дружења, но децата многу ми го бараат и за ручек… брзо, фино и едноставно кога ви доаѓаат гости и сакате со нешто да ги понудите, а немате време за некои спектакуларни готвења.

Потребни состојки: 500 г пилешки гради, 1 чаша јогурт (180 мл), 1 јајце, 1 лажичка лук во прав, 1 лажичка сол, 2 чаши презла (лебни трошки), мерката ми е јогуртна чаша, 1 лажичка прашок за печиво и малку сол

Постапка: Белото пилешко месо се сече на тенки долги ленти. Јајцето, јогуртот, лукчето и солта добро се промешуваат во еден сад. Се додава исеченото месо и се остава да отстои еден час или подолго. На тој начин месото убаво ќе ги впие сите зачини.

Лебните трошки, прашокот за печиво и солта се мешаат во друг сад. Од парчињата месо малку се истресува јогуртот, па се валка во трошките (гледајте убаво да се нафати од сите страни да биде обложено) и добро се притиснува за да се обложи рамномерно.

Парчињата – пилешки прсти се пржат по неколку минути во врело до умерено масло, додека да заруменат подеднакво од двете страни и се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Јас ги послужувам во голема чинија со чили сос за натопување, а некогаш мешам сенф и мед.

coolinarika.com