Рецепт еден – За љубителите на салата со мајонез: Свечена салата. Се приготвува во повеќе варијанти. Може да ставите и повеќе желатин, а односот на мајонез и кисела павлака може да го менувате. Излегува свечен солен ролат кој освен што е вкусен, многу е декоративен.
Рецепт и видео презентација на Бојана од Бокина Кујна. За да ја приготвите оваа салата ќе ви бидат потребни следните состојки: 200 г смрзнат грашок, 200 г морков, 350 г компир, 1 јаболко кисело + лимонов сок, 6 лажици мајонез, 3 лажици кисела павлака.
Ќе ви биде потребно и 250 мл супа од зеленчук, 1 кесичка желатин (7 г), 6 јајца, 1 црвена пиперка, 1 китка магдонос за декорација и сол, црн пипер. Постапка: Јајцата сварете ги 10 минути на потврдо, па ставете ги во ладна вода и оставете ги да се изладат, па потоа излупете ги.
Морковите исечени на коцки, грашокот и компирот варете ги одвоено во вода во која сте додале малку сол, додека да омекнат. Извадете ги со решеткаста лажица и оставете ги да изладат целосно. Јаболкото излупете го, исечете го на коцки и прелијте го со сок од лимон за да не потемнува.
Изладениот зеленчук и јаболкото ставете ги во голем длабок сад. Мајонезот измешајте го со киселата павлака, додадете сол и црн пипер по вкус и прелијте преку зеленчукот, па добро промешајте. Водата во која се вареше зеленчукот искористете ја за приготвување на желатинот кој ќе го приготвите според упатството.
Потоа растопете го на пареа или на тивко, па помешајте го со смесата од зеленчук. Оставете да излади, па развлечете ја смесата во правоаголник (калап 28х13 см, длабок 6 см) врз фолија. Во средината наредете варени јајца, па свиткајте во ролат. Оставете во фрижидер преку ноќ убаво да излади и да се стегне./ Coolinarika.com, а варијанта со видео прилог можете да погледнете во видеото ОВДЕ.
Рецепт два – Салата со печени пиперки, сирење, варени јајца….превкусно. Малку необична салата, но многу е вкусна, топло ја препорачувам. Потребни состојки: 8-10 печени пиперки (излупени, исечени на ленти или на покрупни парчиња, 150 г шунка или бело пилешко месо сечено на мали коцки.
Потоа 3 варени јајца, сечкани, 250 г фета сирење, сол и црн пипер по вкус. И уште ќе ви биде потребно малку мајонез и кисела павлака за поврзување на состојките. Постапка: Пиперките испечете ги, па откако ќе отстојат малку во кеса и изладат, излупете ги, исчистете ги од семето и исечкајте ги на крупни парчиња.
Јајцата сварете ги, па откако ќе изладат излупете ги, па и нив исечкајте ги. Истото сторете го со сирењето и месото или шунката. Зачинете ги, добро промешајте ги и садот ставете го во фрижидер. Состојките за салатата потребно е да бидат добро изладени пред да се поврзат со мајонезот и киселата павлака.
Во изладената салата додадете мајонез и кисела павлака само онолку колку да се поврзат, но вие ако сакате ставете и повеќе. Садот поклопете го и вратете го во фрижидер, до сервирање. Се послужува добро изладен, а можете да го декорирате со тркалца од варено јајце и зелечнук по желба.
Рецепт три – Урнебес салата: вкусен намаз кој можете буквално со сè да го јадете. За оваа салата имате два понудени рецепти, еден класичен и еден со ајвар. Потребни состојки за класична урнебес: 250 г полномасно тврдо сирење, 250 г урда, 20 мл масло, 2 лажички црвен пипер, 1 лажичка буковец, 1 чешне лук.
Постапка: Сирењето се ситни и се меша со урдата. Останатите состојки се мешаат убаво и потоа од нив се формираат мали топчиња. Во смесата можете да ставите и сечкани ореви. Сервирајте врз големи листови од зелена салата и одозгора наросете мелени ореви.
Потребни состојки за Урнебес со ајвар: 500 г бело полномасно сирење, 3-4 полни лажици ајвар, 3-4 ситно сечкани чешниња лук, 2-3 лажици масло, 2-3 лажички лута толчена или мелена пиперка, 2-3 лажички слатка пиперка во прав, сол и црн пипер по вкус.
Постапка: Изгмечете го сирењето добро со виљушка, па постепено додавајте ги останатите состојки: прво ајвар, добро измешајте, па останатите состојки. Лут пипер додавајте по вкус, но имајте во предвид дека колку подолго стои салатата, толку полута станува. Исто така, сите состојки можете да ги изматите со миксер, па тогаш ќе добиете пенаста, кремаста салата која можете да ја мачкате како паштета.
Рецепт четири – Освежителна јогурт салата за 10 минути готова, за мене е најдобра! Многу ја сакаме дома и често ја приготвувам, некогаш како салата, а некогаш како главно јадење. Потребни состојки: 500 г тестенини, 150 г кашкавал, 200 г шунка.
Ќе ви бидат потребни и 2-3 варени моркови, 15 кисели краставички, 1 црвена пиперка или печена црвена пиперка, 1-1,5 јогурт, 200 г мајонез. Постапка: Во зовриена вода со малку сол и масло сварете ги тестенините според упатството. Потоа исплакнете ги со ладна вода во цедалка.
Додадете им малку масло или растопен путер и промешајте убаво да се намастат рамномерно, па оставете да изладат. Кашкавалот, шунката, варените моркови, краставичките и пиперката – сите исечкајте ги на коцкички, па додадете ги во изладените тестенини.
Потоа додадете еден литар јогурт и мајонез, па убаво промешајте за да се соедини смесата. Затоа е најдобро да користите големо длабоко тенџере или соодветен сад. Оставете во фрижидер до следниот ден. Тестенините ќе го впијат јогуртот, па доколку ви се чини дека станало суво, додадете уште 500 мл јогурт или по потреба.
Салатата сервирајте ја во соодветни чинии, а одозгора по желба наросете рендан кашкавал. Од оваа смеса мене ми излегоа четири мали чинии и една поголема. Послужете ја добро изладена и декорирана со рендан кашкавал и цветчиња од сечкана шунка.
Салата пет – САЛАТА СО ТУНА – Идеален оброк за вечера или предјадење. Ова е одличен лесен оброк кој можете да го јадете за појадок, вечера или како предјадење. Идеална комбинација од тестенини, туна во парче, дресинг и едно јајце. Оваа количина е за едно лице.
Потребни состојки: 100 г тестенини по избор, 100 г туна во парче, 1 јајце, ½ домат (може и цел домат), 2 лажици кисела павлака, 1 рамна лажичка сенф, 1 лажичка мајонез, 1 прстофат сол, 1 прстофат црн пипер. Постапка: Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето.
Додека се вари тестенината, изматете павлака, сенф, мајонез, сол и црн пипер. Ставете да се свари и едно јајце. Тестенините процедете ги и измијте ги под млаз ладна вода. Процедете ги. Исечкајте го доматот на коцки. Врз тестенините излејте го преливот.
Потоа додадете сечкан домат и промешајте за да се изедначи смесата. На самиот крај додадете исечено јајце на коцки и парчиња туна. Можете сè да измешате, односно да ги соединете состојките, а можете и само да ги ставите одозгора (туната и јајцето), како сакате. Се послужува веднаш.