Карамел коцките од печен шеќер се подготвуваат од 3 состојки и тоа се едни од основните колачиња кои ги подготвувале нашите баби кога немале многу намирници. Oвој стар рецепт е пренесуван со генерации кај нас. Највкусни се кога се послужуваат со кафе или чај. Многу се едноставни за подготовка, а доколку во нив додадете и мелени или сечкани јатки вкусот ќе биде уште подобар.




Сѐ што треба да направите е да растопите еден дел од шеќерот, а потоа да прелиете со млекото кое е измешано со вториот дел од шеќерот. Состојките убаво се варат, додека карамелот совршено да се растопи и се зготви. Доколку претходно не сте правеле вакви коцки, прочитајте и детално следете ја постапката. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг шеќер, 1 чаша млеко (200 мл), 100 г ситно сечкани ореви (може и повеќе). ПОСТАПКА: Во една чаша издвојте 200 г од вкупната количина шеќер, а во подлабок сад ставете го остатокот од 800 г. Оревите исечкајте ги на поситни или покрупни парчиња, а може и да ги сомелете. Во моето досегашно искуство, колачињата ми се многу повкусни со крупно сечкани ореви.




Една чаша млеко додајте ја во поголемата количина на шеќер и измешајте енергично во садот со жица/маталка до соединување. Смесата ќе биде густа, но потребно е да ја соедините колку што можете повеќе. Кога сите состојки ќе ви бидат подготвени, земете едно тавче и ставете го на рингла, која треба да биде вклучена на ниска температура.




Шеќерот е потребно да го оставите да се карамелизира. Кога шеќерот ќе почне да ја менува својата боја и да се топи, нежно промешувајте го, за да не ви загори. Мешајте додека карамелот да добие потемна златна боја. Во карамелот излејте ја смесата од шеќер и млеко и за еден или двапати зголемете ја температурата на ринглата која треба да биде умерена.




При готвењето, ќе почнат да се формираат поголеми или помали парчиња од карамелот. Потребно е константно да мешате додека целосно да се стопат грутчињата карамел. Кога карамелот ќе добие потечна конзистентност, како сос, тогаш е подготвен. Тргнете го тавчето од рингла и ставете го на дрвена даска или на метална подлога.




Продолжете со мешање на карамелот, додека да почне да се лади, па додајте ги сечканите ореви. Соединете ги во карамелот и мешајте уште неколку минути, додека да се подолади, да не биде многу врел. Карамелот треба да стане густ, па дури тогаш може да го префрлите во плех, обложен со хартија за печење. Плехот кој што јас го користам е со дијаметар од 27 см.




Прелијте го карамелот во плехот за печење и добро распоредете го преку целата негова површина. Обавезно ставете хартија за печење, за да не ви се залепи на дното. Оставете го карамелот да се олади околу 10-тина минути, за да може да пресечете коцки. Од изладениот карамел исечете коцки со величина по ваша желба. Јас обично колачот го сечам како што сечам баклава, пред да се стави на печење.




Колачињата се оставаат малку да се стегнат, а за побрзо може да ги ставите во фрижидер. Откога ќе се оладат, целата тепсија се превртува на дрвена даска, па колачињата се одвојуваат и се редат на некоја декоративна чинија. Послужете ги со шолја кафе. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.