Ова вкусно јадење се приготвува многу едноставно и претставува квалитетен оброк особено во ладните зимски денови. Обично, кога купувам коленица го замолувам месарот да ми го оддели месото од коска за полесно да го сварам со зелка и компири. Но, овојпат открив нов рецепт и сега само така ги приготвувам колениците.




Според истиот рецепт можете да приготвите и телешка коленица. Во дворот си имам грмушка рузмарин, па секојпат кога ќе набавам свежа убава коленица, си берам и млади гранчиња од оваа ароматична билка, зашто совршено си одговараат. Месото буквално се одвојува од коската и меко е како путер.




Овој тип на месо потребно е да се готви малку подолго време од обичните бели или похувани меса, но тајната на неговата сочност е токму во сосот од пиво кој сакам да ви го откријам. Ова е мојот начин на подготовка, а ако ви се допаѓа, пригответе и вие:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 свински коленици (приближно 4 килограми), сол и црн пипер за зачинување по вкус, свежи билки: рузмарин и жалфија, 3-4 супени лажици масло за пржење, 350 г кромид, 15 г лук, 2 мали лажички црвен пипер во прав, 1 мала лажичка сенф, 2 супени лажици маслиново масло, 500 мл светло пиво




ПОСТАПКА: Месото добро избришете го со хартиена салветка за да се отстрани вишокот влага од него. Потоа на секоја коленица направете по неколку засеци од страната на кожата, па повторно натапкајте со хартиената салветка, по потреба.




Вака подготвените коленици посолете и добро истријте ги од сите страни, врз секое парче ставете гранче рузмарин и лист жалфија (ако немате свежи билки, ставете суви), свиткајте ги во кеса или стреч фолија, па оставете ги да се маринираат во фрижидер, најмалку два часа или преку цела ноќ.




По изминатото време, месото извадете го на собна температура, отстранете ги билките и ставете ги да се испржат на загреано масло, по 2-3 минути од секоја страна, колку да заруменат и да се фати тенка крцкава коричка.




Испржените коленици ставете ги во тава, а во истото масло запржете го кромидот (крупно исечкан), и целите чешниња лук. Додајте ги во месото, па настрана пригответе ја смесата за премачкување.




Во помал сад ставете две мали лажички црвен пипер во прав, половина лажичка црн пипер во прав, една мала лажичка сенф и две супени лажици маслиново масло. Добро промешајте додека да се изедначи, па со помош на кујнска четка премачкајте го месото од горната и долна страна.

Потоа залијте со пиво, ставете рузмарин и жалфија, поклопете со капак (или хартија+ алу-фолија), па ставете да се пече во загреана рерна на 240-250 степени, 50-60 минути. По изминатото време внимателно извадете ја тавата, превртете ги парчињата месо, повторно поклопете и вратете во рерна да се допече уште 20-25 минути.

По изминатото време повторно превртете го месото и вратете го рерната да се допече уште 15-20 минути, но овојпат без капак, за да фати убава коричка. на овој начин месото излегува многу вкусно, со убава боичка и што е најважно, меко и сочно. Деталите погледнете ги ОВДЕ.