Оваа пченкарна пита (проја) е одлична да се јаде послужена како предјадење, со мезе, или пак да се послужи како еден од главните оброци со чаша јогурт или кисело млеко. Многу брзо и едноставно се приготвува, а многу е вкусна и лесна за стомакот. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 7 полни супени лажици пченкарно брашно, 9 полни супени лажици бело брашно, 200 мл масло за готвење, 300 мл јогурт, 1 кесичка прашок за печиво, сол по вкус, 300-400 г сирење (по ваш избор)
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата и пенасто изматете ги со кујнска жица-маталка (или со миксер, ако ви е полесно), а потоа додајте седум супени лажици пченкарно брашно. Промешајте за да се соединат брашното и јајцата.
Ќе добиете густа топка тесто која треба да се разреди со 250 мл масло. Повторно промешајте со маталката додека маслото да се инкорпорира во смесата. Следно на ред е белото брашно. Додајте 9 супени лажици помешани со една кесичка прашок за печиво (10 г).
Сосем малку промешајте и веднаш додајте 300 мл течен, густ јогурт (наместо јогурт може да употребите кисело млеко). Повторно промешајте со маталката додека брашното да се впие во смесата и да се добие хомогено тесто, мазно и без грутчиња.
Според густината која ќе ја добиете ќе оцените дали треба да се додаде уште малку јогурт (ова најмногу зависи од самата густина на јогуртот, па доколку е потечен, ќе ви треба помалку, а доколку е погуст, ќе ви биде потребно повеќе јогурт).
Добиеното тесто треба да е меко, густо и компактно, како за уштипци, да паѓа од лажицата, а не да тече. На крај додајте една ипол мала лажичка сол или по вкус, во зависност од тоа колку е солено сирењето кое ќе го употребите.
Овојпат промешајте со кујнска шпатула за да се раствори солта, но и да го потфатите дното и страните на садот, за во случај да останале некои суви места од брашното. Потоа додајте 300-400 г меко сирење, урда или какво имате, па промешајте да се изедначи.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Добиената смеса истресете ја во плех со средна величина, претходно намастен на дното и страните. Израмнете и одозгора наросете сусам (или семе по желба), па ставете да се пече во врелата рерна, половина час или додека да зарумени. Почекајте малку да подизлади, па сечете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.