Moже да ја направите за појадок или вечера и да ја послужите со чаша јогурт. Вкусот на оваа пита е неодолив, а се должи на една состојка, а тоа е путерот. Многу е слична на пченкарната пита која се нарекува „проја“, а она што е интересно е што севкупно ќе ви одземе само 23 минути во кујната. За оние што брзаат и немаат многу време да готват, оваа пита е вистински погодок.
Всушност, подготовката на питата одзема 5 минути, а после се излева во калап или плех и се става на печење уште 18 минути. За тоа време можете да го измиете садот каде што сте ја подготвиле питата и да ја поставите масата. Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт за пченкарен леб за кој не ви треба оклагија и се прави многу брзо. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 шолја пченкарно брашно (142 г), 1 шолја бело брашно (142 г), 2 лажички прашок за печиво (6 г), 1 1/2 лажиче сол (11 г), 1/3 шолја гранулиран шеќер (68 г, може да ставите и помалку), 1 1/4 шолја полномасно млеко или матеница (300 мл), 1 големо јајце (на собна температура), 3 лажици растопен несолен путер (45,5 г) и уште 5 лажици коцки) растопен несолен путер.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 350 г пченкарно брашно, 500 г бело брашно, 20 мл масло, 1 лажица путер или маргарин, 2 лажички сол, 40 г квасец, 400 мл млака вода, 1 лажичка шеќер. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 лажица путер или маргарин, сол, сусам…
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден подлабок сад, прво соединете ги сувите состојки. Ставете 1 шолја пченкарно брашно и исто толку бело брашно во подлабок сад. Измешајте ги двете брашна со жица/маталка, па додајте 2 лажички прашок за печиво и 1 1/2 лажиче сол. Потоа додајте 68 г шеќер (може да ставите и помалку) и сѐ измешајте до соединување.
Во сувите состојки направете мала вдлабнатина каде што ќе го ставите јајцето кое треба да биде на собна температура, па додајте 300 мл млеко и 3 лажици растопен, несолен путер. Измешајте ги енергично состојките додека да се добие еднолична и помалку густа смеса, без грутчиња од брашното.
Во едно тавче/тава со железно дно (нелепливо) ставете 5 коцки путер на рингла и почекајте да се растопат. Иако може да ви изгледа како да има премногу путер, напротив, толку е потребно при печењето на питата. Тавчето е со пречник од 20/22 см. Во растопениот путер излејте ја густата смеса и распоредете ја низ целата тава.
Тавата префрлете ја во претходно загреана рерна на 200 степени и печете ја питата, без отворање на вратичката од рерната од 18-20 минути. По изминатото време, питата се остава да се олади, па се послужува. ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: 400 мл млака вода се истура во еден подлабок сад, па се додава 40 г издробен квасец и 1 лажичка шеќер.
Сите состојки добро се соединуваат и по 2-3 минути кога квасецот ќе се активира, се започнува со постепено додавање на белото, па на пченкарното брашно, измешано со солта. Од белото брашно се користи 500 г, а од пченкарното 350 г. По соединување на брашната, со помош на жица/маталка, се додава 20 мл масло и 1 лажица растопен путер или маргарин.
Сите состојки добро се соединуваат додека да се добие многу меко тесто. Тестото се покрива под крпа и се остава на топло место да стасува околу 15 минути. По изминатото време, тестото веднаш се префрла на плех, обложен со хартија за печење и со прстите се распоредува и се раширува со големина по ваша желба.
На средина од тестото се прават мали резови во дијагонала, како да сечете баклава, па помеѓу резовите се ставаат мали парчиња полуомекнат путер/маргарин. Одозгора тестото се наросува со сусам.
Рерната се вклучува да се загрее на 220 степени, а за тоа време тестото се остава уште малку да стасува. Се пече околу 30 минути, па се послужува лебот топол. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.