Пастицио или пастичо е едно многу вкусно јадење кое се приготвува насекаде во светот.
Според некои извори тоа е грчко јадење со тестенини, мелено месо и бешамел сос (грчки: παστίτσιο, pastítsio), а според други извори, ова е италијанско јадење (pasticcio) кое е вид на лазања, кое наместо кори содржи тестенини.
Како и да е, од ова јадење се јавуваат и бројни варијации на јадењето што се наоѓаат во другите земји на Средоземното море.
Потребни состојки: 500 г макарони (цевчести, шупливи), 500 г мелено месо, 3 главици кромид, 50-100 мл масло, 3 домати или доматен сос, зачини по вкус, црн пипер, сол, оригано, 1 лажичка црвен пипер, мускатно оревче, чили, мешан сув зачин, 130 мл вода
За бешамел сос: 60 г путер, 60 г брашно, 750 мл млеко, 3 јајца, 100 г кашкавал
Постапка: кромидот ситно исечкајте и го и запржете го на малку масло, додека да застакли и да омекне. Потоа додајте го месото и продолжете со динстање додека да се соедини со кромидот и да ја промени бојата.
Потоа зачинете по вкус, додајте ги исечканите домати и промешајте. Додајте и вода и оставете да зоврие, па намалете ја температурата и динстајте го на тивко со промешување, околу 20-тина минути.
Во меѓувреме сварете ги макароните според упатството на амбалажата (да бидат „ал-денте“, што значи не повеќе 7-12 минути).
Процедете ги од водата и во нив додајте 4-5 лажици масло или путер, па промешајте (ова одлично ги заштитува од залепување и дополнително им го подобрува вкусот).
Во огноотпорен сад или плех претходно намастен со путер или масло, истурете половина од макароните и рамномерно распоредете ги. Врз нив распоредете го приготвениот фил, а потоа и остатокот од макароните.
За бешамел: растопете го путерот, па додајте брашно. Пропжете го брашното околу 2 минути со постепено мешање. Започнете постепено да го додавате млекото со непрекинато мешање за да не се создадат грутчиња.
Откако ќе ја добиете посакуваната густина, тргнете го садот од оган и додајте ги јајцата и изренданиот кашкавал. Убаво и енергично промешајте за да не се сварат јајцата, а кашкавалот да се растопи и инкорпорира во сосот.
Со оваа смеса рамномерно прелијте ги макароните одозгора и веднаш ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени. Потребно е околу половина час за да се потпечат макароните, но вие времето прилагодете го според вашата рерна.
СОВЕТ: Оригиналниот рецепт содржи свежи домати, но доколку немате во моментот, моѓете да користете доматно пире или кечап.
Вриењето на филот со месото зависи од сочноста на доматите, но и од самото месо, па затоа и времето за негово приготвување може да варира.
Откако ќе ги извадите печените макарони, додека сè уште се топли, одозгора можете да ги посипете со рендан пармезан или кашкавал по ваш вкус. Пармезанот им дава посебен вкус, па доколку имате, не пропуштајте да го додадете.
Откако ќе се олади јадењето одлично се сече на коцки, па така, би можеле да го сервирате и како предјадење, како закуска или прилог кон многу други различни јадења. Исечено на коцки е многу декоративно на трпезата.