Париче, ранениче, кокошкини прсти, вампирче, дебела, хермелика, дебела кокошка, бобовниче (лат. Hylotelephium spectabile) е билка која може да се забележи во речиси секој двор и за која се смета дека може да излечи речиси сè. Многу се цени и како декоративна билка, но и како омилен лек против чир во желудникот.
Паричето има толку многу земено замав што дури може да се најде и на гробишта, бидејќи многу лесно се одгледува и многу брзо се шири. Успева и во стари лонци и саксии.
Има дебел и месест лист, доста сочен (сукулентна билка), речиси исто како и чувар куќата. Стебленцата се исправени и разгранети.
Коренот е дебел, случен на репка. Цветот е голем, на врвот се шири со бело-розеникава боја.
За лек се користи само свежиот лист. Затоа се препорачува секој кој има чир во желудник да си го одгледува дома, за да може во секое време да си приготвува лек.
Народот толку ја испопуларизира оваа билка, а некои ја споредуваат и со алоето, што таа започнала да се испитува на некои клиники, но засега, се’ уште нема никакви објавени резултати.
Голем број болни тврдат дека со помош на оваа билка ги излекувале своите проблеми со желудникот, киселини, жарење, ждригавица, воспаленија и чир, како и тоа дека со текот на времето повеќе не подригнуваат и немаат никакви пречки со органите за варење.
Листот се употребува на различни начини. Некои го цедат сокот и го пијат. Други и тоа повеќето, варат 2-3 листа во една шолја вода, да изврие до половина, па течноста ја пијат секој ден во текот на еден месец, трипати дневно пред јадење.
Некои ставаат сок во кафе, а некои пак варат три листа во 100 мл црно вино, па кога ќе изврие до половина, течноста малку ја изладуваат, па ја пијат. За да не мора трипати дневно целата постапка да ја повторуваат отпочеток, наутро ги варат сите три дози кои се потребни за тој ден.
Во народната медицина се употребува и за лекување на изгореници, чиреви и разни воспаленија на кожата и слузокожата. Се кине лист, му се одлепува тенката надворешна опна и се нанесува листот на раната. Или се цеди сок од свеж лист и се нанесува на раната.