Моите дечиња обожаваат да јадат палачинки и печени стапчиња и најчесто ги сакаат да ги комбинираат со џем или мармалад. Понекогаш ми ги бараат и за појадок, но секогаш одлучував да ги правам како десерт за после ручекот, сметав дека е премногу благо за да ги јадат наутро. Случајно, налетав на овие два рецепти за палачинки и благи стапчиња кои се некоја поздрава варијанта и се подготвуваат многу брзо.
И стапчињата и палачинките се подготвуваат од исти состојки, со единствена разлика што во смесата за палачинки се додава вода и кефир (или јогурт) за да биде потечна и да може да се разлева. Направете си ги овие вкусни десерти кои можат да стојат и по два дена и да останат вкусни. Еве што ви е потребно да ги направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СТАПЧИЊАТА: 330 г урда (летно сирење), 1 јаболко, 1 јајце, 1/2 лажиче сол, 2 лажици шеќер (или мед), 2 лажици неутрална павлака (цврста), 50 г суво грозје, 250-280 г брашно, 1/3 лажиче ванилин шеќер, 1 лажиче прашок за печиво. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАЛАЧИНКИТЕ: 300 г урда, 2 јајца, 1/2 лажиче сол, 1 лажиче шеќер, 300 мл кефир, 250 г брашно, 300-350 мл топла вода, 1 лажиче прашок за печиво, 1 лажиче ванилин шеќер.
ПОСТАПКА ЗА СТАПЧИЊАТА: Во еден подлабок сад ставете ја урдата и малку издробете ја со виљушка. Додајте 2 лажици шеќер (или мед, како поздрава опција), 2 лажици павлака и 1 јајце. Соединете ги состојките додека да се формира кремаста смеса. Урдата треба да биде речиси издробена, да не остануваат поголеми парчиња од неа. Настрана изрендајте едно јаболко, па додајте го во смесата со останатите состојки.
Соединете ги состојките, па додајте 50 г суво грозје. На крајот се додаваат останатите суви состојки, 250 г брашно, 1/3 лажиче ванилин шеќер, 1 лажиче прашок за печиво и 1/2 лажиче сол. Брашното додавајте го постепено, додека ја соединувате смесата со лажица или со рака. Вкупно ќе ви биде потребно 250-280 г брашно, зависи од конзистентноста на останатите состојки.
Тестото треба да биде компактно, да не се лепи и да не се распаѓа. Се замесува фино и меко тесто за кое не треба многу месење. Откога ќе го замесите тестото, веднаш префрлете го на набрашнета површина и поделете го на три еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче и складирајте го под фолија. Земете едно од топчињата и со набрашнета оклагија развлечете го правоаголно со дебелина од 1 см.
Развлеченото тесто исечете го на стапчиња со дебелина по ваша желба (јас обично од едно тесто сечам 8 стапчиња, вкупно 24 стапчиња). На истиот начин подгответе ги останатите 2 топчиња од тесто. Вака подготвените стапчиња пржете ги во загреано масло во тавче (не се става многу, само на дното), и пржете ги од двете страни додека да поруменат. Послужете ги со џем, крем или мармалад.
ПОСТАПКА ЗА ПАЛАЧИНКИТЕ: Во еден подлабок сад ставете ја урдата и издробете ја како во првиот рецепт. Додајте ги двете јајца, 1/2 лажиче сол, 1 лажица шеќер или мед, 1 лажиче ванилин шеќер. Соединете, па додајте 300 мл кефир и 300 мл топла вода (да не биде зовриена). Соединете ги состојките, па постепено започнете да го додавате брашното. Како што го додавате брашното, соединувајте ја енергично смесата со жица/маталка.
Доколку смесата е погуста, додајте уште 50 мл топла вода, за да стане потенка и полесна. Оставете ја смесата да отстои 15-тина минути, а за тоа време загрејте тенко тавче за палачинки на рингла со малку масло. Излевајте ја смесата во тавчето со кутлача (сипајте според големината на тавчето, палачинката не треба да биде многу дебела). Пржете ги палачинките од двете страни додека да добијат златна боја.
Откога ќе ги испржите на првата страна, ќе забележите дека палачинката на рабовите ќе потемни, па тогаш префрлете ја на втората страна и згответе ја уште малку. Вадете ги палачинките на овал. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.