Колку пати ви се случило да немате идеја што да зготвите за ручек, па ќе направите нешто набрзина, колку да се заситите, а после кратко време повторно ви се јаде. Домаќинките кои немаат многу време, поради работните обврски, а сепак сакаат да направат нешто домашно и вкусно, го обожаваат овој рецепт кој се нарекува „што помалку во кујна.“
Не валкате многу садови и сѐ се прави за секунда. Ова е еден од најбараните рецепти бидејќи ги задоволува сите критериуми и сите се задоволни. Потребни ви се само неколку состојки, кои веројатно постојано ги имате во кујната. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1-2 главици кромид, 4-5 компири, 3 пилешки гради (пилешко филе), 2 јајца, 200 мл неутрална павлака за готвење, 120 г моцарела или некој друг кашкавал по ваш вкус, 1 домат, малку маслиново масло, сол и други зачини како црн пипер, црвена зачинска пиперка, оригано, кари, сув магдонос…
ПОСТАПКА: Во еден огноотпорен сад ставете малку масло на површината и израмнете со кујнска четкичка. Една до две главици кромид излупете ги и исечете ги на полупрстени, кои е потребно да ги наредите врз намастената површина. Распоредете ги кромитчињата подеднакво.
Компирите измијте ги под млаз ладна вода (или закиснете ги 15-тина минути), додека убаво да се измијат од скробот, па исцедете ги. Ако имате млади компири, тогаш не е потребно да ги лупите. Исечете ги компирите на кругови, со средна дебелина и наредете ги во садот врз кромидот, легнати и малку подигнати, на секое претходно компирче (како на сликата).
Врз компирите зачинете со црн пипер и посолете, па попрскајте малку маслиново масло. Пилешкото филе исечете го вертикално, па хоризонтално, на подебели коцки кои треба да ги распоредите врз компирите. Потоа во посебен сад подгответе ја останатата смеса за преливање одозгора.
ЗА СМЕСАТА: Измешајте 2 јајца со жица/маталка и додајте ја неутралната павлака. Соединете и зачинете по вкус со сол, црн пипер, лук во гранули, црвена зачинска пиперка (блага/лута), сув магдонос, сув копар, оригано, кари зачин итн… Зачинете по вкус со зачини кои најмногу ги сакате.
Вака подготвената смеса прелијте ја преку месото, компирите и кромидот. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и печете околу 40-тина минути. Пред печењето, садот покријте го со хартија за печење и одозгора со алу-фолија. Во меѓувреме, изрендајте ја моцарелата или некој друг вкусен и лесно растеглив кашкавал.
По изминатото време, тргнете ги фолиите од садот и распоредете го кашкавалот. Исечете го доматот на поголеми кругови (на 6 парчиња) и распоредете ги по 2 во секој ред (вкупно 3 редови). Посолете одозгора и зачинете со црн пипер, па распрскајте и малку масло. Вратете на печење на истата температура, уште 10-15 минути, додека кашкавалот да се растопи и доматот да фати коричка.
Потоа, оставете ручекот сосем малку да се олади, па послужете го со сечење на коцки, на средина со доматот. Ручекот се послужува исто како лазањи или редена мусака. Од течната смеса, месото добива неверојатна сочност и не е потребна никаква маринада за да омекне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.