Секој што дома има брашно, вода и сол, може да замеси тесто и да ги направи овие убави и превкусни пита-сарми. Без разлика дали тестото ќе ви се лепи за раце или не, дали првпат замесувате или веќе сте експерт, доколку ги следите чекорите во постапката, нема да згрешите.




Тајната на успешноста на ова тесто не е умешноста на замесување, зашто какво и да го направите, доколку го оставите да отстои во растопен путер најмалку еден час, тоа ќе се претвори во најубавото тесто за работа. Потоа останува само уште да ги филувате пита-сармите и да ги испечете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г брашно + за домесување, 1 полна лажичка сол, 600 мл топла вода, 1 чаша (200 мл растопен путер). ЗА ФИЛ: 1-2 китки младо кромитче (или 1 голема главица стар кромид), 6-7 варени јајца, сол и црн пипер по вкус (наместо јајца може да издинстате 300-400 г мелено месо)




ПОСТАПКА: Секоја успешна приказна со тесто започнува со просејување на брашното. Па така и за оваа, потребно е брашното да го просеете во некој подлабок сад, за да нема грутчиња и да биде нежно. Додајте ја солта и промешајте.




Во средината направете бунарче, па започнете постепено да ја додавате водата. На почетокот мешајте со лажица, а потоа продолжете со рака. Тестото е доста меко, влажно и лепливо, но такво треба да биде. На работната површина обилно наросете брашно, истресете го тестото и доработете го таму.




Додека го месите тестото постепено наросувајте по малку брашно, но само онолку колку што е потребно за да не се лепи на површината. најпосле ќе добиете мазна и мека топка од тесто. Вратете го во садот, покријте го со кеса и оставете го на топло место да отстои 10-20 минути.




Повторно премесете со малку наросено брашно, па поделете го 9-12 делови. Од секое парче тесто обликувајте топче, со штипкање на краевите и нивно вовлекување кон средината (погледни видео). Секое топче малку сплескајте го да фобие форма на диск, па потопете го во растопен путер.




фил од издинстан кромид и ситно сечкани варени јајца

Тестата оставете ги вака потопени и покриени со кеса да отстојат еден час на собна температура. Потоа земете едно парче и врз мазна површина развлечете го во тенка правоаголна кора. Нема потреба од оклагија, доволно е да го развлекувате со рацете директно врз површината.

Во средината ставете полна супена лажица фил, па свиткајте исто како што се виткаат сармите. Пита-сармите редете ги во плех обложен со хартија за печење и печете ги во загреана рерна на 200 степени 30-35 минути или додека да заруменат. Излегуваат меки, а со крцкава коричка, како лиснато тесто.

За фил: издинстајте го ситно сечканиот кромид на малку масло, па кога ќе се олади промешајте го со ситно сечканите варени јајца. Зачинете по вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.