ОВОЈ РЕЦЕПТ Е УСОВРШУВАН ДОЛГО ВРЕМЕ: Вкусни чупавци, со мерки на лажица. Кај нас чупавците се јадат со брзина на светлината, ги подготвувам со години, на најразлични начини, полнети, празни, со различни кремови, но овие ми се највкусни.

Потребни состојки: 6 јајца, 20 лажици шеќер, 26 лажици масло, 200 мл млеко, 32 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер. За глазура: 800 мл млеко, 200 г шеќер, 100 г путер, 200 г чоколадо, 2-3 лажици еурокрем, 1 лажица какао и 200 г кокос.




Постапка: Во една вангла одвојте ги белките од жолчките. Почнете со миксер да ги матите белките пенасто, а потоа додајте го шеќерот. Продолжете да матите со миксерот додека тој убаво да се растопи. Постепено почнете да ги додавате жолчките додека постојано матите со миксерот.

Додајте го маслото, млекото, брашното, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер. Продолжете со матење со миксерот до формирање на еднолична смеса без грутки. Земете еден правоаголен плех и набрашнете го на дното и по страните со брашно.




Излејте ја смесата која треба да биде нешто погуста од онаа за палачинки, но доста слична и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути. По печењето се остава кората добро да се излади, а во меѓвреме се подготвува глазурата.

За глазура: Во едно тенџере ставете го млекото, шеќерот, путерот, чоколадото скршено на коцки, еурокремот и какаото. Малку промешајте и ставете на рингла со средна температура додека да се измешаат сите состојки.




Изладената кора пресечете ја на помали коцки и извадете ги на плех. Во подготвената чоколадна глазура која е малку изладена потопувајте едно по едно колаче и ставете го да се цеди на хартија. Вака филувајте ги сите колачи.

Потоа колачите наросувајте ги во кокос цели и редете ги на чинија. Послужете веднаш со топло кафе. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте уште еден рецепт.




II РЕЦЕПТ – Не можете ни да замислите колку се добри… Рафаело чупавци. Рецепт на „Киша од Слаткиша“ – Рафаело чупавци, одличен рецепт, лесен и пред сè многу вкусен. Верувам дека ќе ви се допадне, особено на сите љубители на кокосот.

Потребни состојки за кора: 3 јајца, 180 г шеќер, 125 мл масло, 260 г брашно, 100 мл млеко, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 прстофат сол. За прелив: 250 мл слатка павлака, 150 мл млеко, 100 г шеќер, 150 г бело чоколадо, 50 г млеко во прав и кокос за наросување.




Постапка: Во подлабок сад ставете 260 г брашно и помешајте со една кесичка прашок за печиво и еден прстофат сол. Во посебен сад ставете 180 г шеќер, а во него промешајте една кесичка ванилин шеќер. Од трите јајца посебно одвојте ги белките од жолчките.

Со помош на миксер пенасто изматете ги белките со постепено додавање на кристал шеќерот. Матете приближно 5-6 минути додека шеќерот да се растопи, а белките да се претворат во цврст и сјаен снег. Потоа започнете да ги додавате една по една, трите жолчки.




Откако едната жолчка ќе се соедини во снегот, додајте ја следната. На овој начин снегот нема да „падне“ и ќе остане воздушест. Потоа додека сè уште матите, додајте 100 мл млеко и 125 мл масло во тенок млаз и претходно приготвеното брашно помешано со прашок за печиво.

Продолжете да матите со миксерот додека да добиете хомогена смеса. Плехот од рерна обложете го со хартија, па излејте ја приготвената смеса и рамномерно распоредете ја. Израмнете ја површината и малку протресете го плехот за дополнително да се распореди.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени приближно 20-тина минути (проверете со чепкалка дали е готова). Оставете ја кората да се олади, а потоа сечете ја на коцки. Најдобро е да си нацртате шема со помош на линијар за да ги исечете правилно коцките.




Пригответе го преливот: Во тенџере ставете 250 мл слатка павлака заедно со 150 мл млеко. Загревајте на умерена температура, па додадете 150 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте додека чоколадото да се растопи и соедини. Потоа додајте 100 г шеќер и 50 г млеко во прав.




Промешајте добро додека сите состојки да се растопат и соединат во изедначена хомогена смеса. Кога смесата ќе стане течна, мазна, сјајна и берз грутчиња, тогаш преливот за натопување на колачињата е готов. Оставете го настрана малку да се подизлади.




Потоа кратко потопувајте ги коцките во преливот од сите страни. ова правете го брзо зошто коцките брзо го впиваат преливот, па ако останат подолго во него може да се распаднат. Откако ќе ги извадите веднаш валкајте ги во кокосово брашно, убаво да се нафатат од сите страни.

На ист начин можете да направите и чупавци со темно чоколадо. Пред послужување добро изладете ги. Неверојатно се сочни, меки и вкусни. Деталите од целата постапка на приготвување можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.