Кога го видов рецептот на каналот „Храна за секој вкус“, решив веднаш да го направам, бидејќи бев убедена дека ќе излезе феноменален. Резултатот беше поголем од моите очекувања, особено лебот многу му се допадна на мојот сопруг кој ми рече и за следниот ден да му го направам.




Подготовката на лебот е многу едноставна, не бара долго месење. Италијанската фокача е моментално многу попyларен рецепт и интересно е тоа што филот може да се прилагодува според сопствен вкус. Врз лебот може да ставите намирници по ваш вкус или воопшто ништо да не додавате, резултатот гарантирано ќе излезе совршен.




Ние дома лебот го сакаме што поедноставен, обично му додавам само неколку гранчиња рузмарин за арома и малку маслиново масло, баш како што е опишано во рецептот од „Храна за секој вкус.“ Еве кои состојки ќе ви бидат потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 мала лажица сув квасец (6 грама), 2 мали лажици шеќер (10 грама), 300 мл топла вода (1 1/2 чаша), 1 неполна лажичка сол (5 грама), 5 големи лажици маслиново масло (40 мл), 500 г брашно (околу 4 чаши). Ќе ви биде потребно и уште малку маслиново масло, рузмарин, вода и крупна сол за наросување одозгора. Како мерка се користи чаша од 200 мл.




ПОСТАПКА: Најпрво се започнува со активирање на квасецот. Во еден сад се става квасецот, се додаваат 2 мали лажици шеќер, 2 големи лажици брашно од вкупната количина и се промешува со жица да се соединат состојките. Потоа се додава околу 50 мл топла вода која треба да биде на температура од 38 степени и убаво се промешува додека грутките кои се формирале да се разредат.




Кога ќе го направите овој чекор, смесата се остава да отстои 10-15 минути додека квасецот да се активира и да набубри, покриено под капак или стреч фолија. По изминатото време, се додава остатокот од водата, постепено која треба да биде на истата температура како претходно. Доколку, водата се оладила, потребно е повторно да ја загреете (да не е врела, туку млака).




Додајте ја солта и потоа врз тестото ставете 5 големи лажици маслиново масло кое е неопходна состојка во подготовката на италијанската фокача. На крајот, градиентно се додава брашното на неколку наврати и после секое ставање добро се промешува додека да почне да се формира тесто.




Замесете фино и меко тесто кое треба да биде полепливо од вообичаеното тесто кое се прави за пица, на пример. Според квалитетот и видот на брашното, ќе треба да додадете повеќе или помалку брашно.

Кога замесеното тесто ќе почне да ви се лепи на прстите, покријте го под фолија и оставете да стасува на топло место минимум 1 час. Една пониска тепсија намастете ја добро со маслиново масло, отприлика со пречник од 28 см. Настрана измешајте 1 лажица маслиново масло со 1 лажица вода.




По изминатото време, намастете ги рацете со растопен путер или маслиново масло и уште малку размесете го тестото, па префрлете го на тепсијата која претходно ја намастивте. Тестото распоредете го подеднакво врз тепсијата со помош од мешавината од вода и масло, со тоа што ќе ги наквасувате прстите во неа.




На тестото направете помали вдлабнатини со прстите и оставете да отстои уште 30 минути да почне да стасува. По потреба, притиснете го уште малку со прстите. Пред да го ставите на печење, тестото се прелива со остатокот од мешавината од масло и вода, се наросува со крупна сол и неколку гранчиња свеж рузмарин.

Фокачата се пече во претходно загреана рерна на 220 степени, 5 минути, па потоа температурата се намалува на 200 степени и се пече уште 25 минути, додека да фати златна коричка. По печењето, лебот се остава да се олади, па се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.