Рецептот го најдов на каналот на Катица и се воодушевив од едноставноста на подготовката. Колачите приготвени во калап за куглоф, кои растат и однатре се меки, се моите омилени, па секогаш сум во потрага по нови вкусови од овој вид десерти. Веднаш одлучив да го приготвам, па не бев само јас воодушевена, туку и домашните побараа повторно да го приготвам. Овојпат ги викнав и моите две пријателки на дегустациja, па и тие го побараа рецептот.
Беа воодушевени од вкусот и текстурата на колачот, а во прв момент не ми повеpуваа дека сама сум го подготвила. Куглофот изгледа многу декоративно кога ќе се пресече, како да го правеле во слаткарница, а всушност подготовката е многу едноставна и лесна. Одлучив повторно да го направам за Велигден кога сите ќе бидеме собрани на куп и ќе можеме да го јадеме и да уживаме во неговиот совpшен вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СМЕСАТА: 120 г путер, 4 жолчки, 280 г шеќер во прав
300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 125 мл млеко, малку рендана кора од лимон, 4 белки, 2 реда чоколадо. По желба може да додадете суво грозје, рум, кора од портокал, чоколадна глазура, шеќер во прав…
ПОСТАПКА: Путерот треба да омекне за да може да се измикса. Исечкајте го на помали коцки и ставете ги во подлабок сад. Започнете да го матите путерот со миксер додека да стане кремаст, како шлаг, а потоа започнете да ги додавате четирите жолчки, една по една. Откога ќе ја додадете првата жолчка, продолжете со миксирање уште 30-40 секунди, па потоа додајте ја втората и повторете го процесот додека сите жолчки подеднакво да ги соедините.
Додајте го шеќерот во прав, измиксајте го, па потоа додајте малку кора од лимон или портокал. Додајте го млекото кое треба да биде на собна температура, па на крајот додајте го брашното, измешано со прашокот за печиво. По додавање на брашното, смесата измиксајте ја сосем лесно за да не спласне.
Настрана, цврсто изматете ги белките додека да се формираат во снег. Соединете ги двете смеси, така што жолтата смеса ќе ја додадете во белата или обратно, во зависност во кој сад ви собира повеќе. Соединете со шпатула во еднолична смеса. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, а настрана подгответе си го калапот за куглоф така што ќе го премачкате со путер и ќе го наросите со брашно.
Соединетата смеса поделете ја на три еднакви дела. Излејте 1/3 од смесата во калапот за куфлот и израмнете. Во едниот дел од поделената смеса додајте 2 реда растопено чоколадо, соединете, а потоа темниот дел излејте го во калапот преку белата смеса и рамномерно распоредете. Врз темната смеса излејте ја последната светла смеса.
Се пече во загреана рерна, околу 30 мин, без вентилатор. Последните 10 минути ја намалив температурата на 170 степени и допеков уште малку додека куглофот да фати убава коричка. За куглофот убаво да нарасне, не смее да се отвора вратичката од рерната при печењето. По печењето, куфлофот се проверува со чепкалка дали е испечен однатре.
Изладете го куглофот, па лесно лизнете го од калапот, а на крајот само наросете го со шеќер во прав или ванилин шеќер. Мојот сопруг имаше една забелешка. а тоа е за Велигден во смесата да додадам парчиња чоколадо во основната смеса и на крај да премачкам со чоколадна глазура и потоа ќе ми даде чиста десетка. Со смесата секако може да си играте, да додавате суво грозје, рум, различни ароми, кора од портокал… Во оваа основна смеса може да се додадат сто чуда.
ЗАБЕЛЕШКА: Во оригиналниот рецепт од старата книга со рецепти не се додава прашок за печиво, но јас додадов бидејќи не знаев дали ќе нарасне без таа намирница. Деталите погледнете ги ОВДЕ.