Првиот рецепт е за старински врел колач, чија смеса е прелиена со млеко и многу потсетува на познатиот колач „КОХ“. Некои велат дека е дури и многу посочен. Рецептот го најдов во малата тетратка на баба ми која е испишана со разни рецептури. Овој колач беше под името „БАБИН ВРЕЛ КОЛАЧ“, па веднаш си го запишав и јас рецептот.




Ќе ви бидат потребни само неколку состојки и 15-20 минути време додека да ги измешате состојките, а потоа смесата ја преливате во плех и печете. Колачот е подеднакво вкусен и врел и кога ќе се олади. Вториот рецепт е за многу кремаст колач, кој со сигурност ќе ви се допадне: Еве што ќе ви биде потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 4 јајца, 250 г шеќер, 350 г брашно, 2 мали лажици прашок за печиво, прстофат сол, 70 г путер/маргарин, 240 мл млеко, 1 мала лажичка ванилин шеќер и шеќер во прав за наросување на колачот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 600 мл вода/млеко, 4 полни лажици шеќер, 2 кесички (од 37 г), пудинг од кокос или ванила или некој овошјен, 120 г путер, 100 г маскарпоне или друго кремасто, несолено сирење, 100 г кекси за кора, 110 г кекси за фил, 30 г кекси мелени за наросување одозгора.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад изматете ги јајцата со жица/маталка. Додајте прстофат сол, промешајте уште малку додека јајцата да станат пенасти, па додајте го шеќерот и преминете на матење со миксер.




Кога смесата ќе се соедини, односно шеќерот ќе почне да се растопува додајте половина од брашното, претходно измешано со прашокот за печиво. Измешајте додека брашното да се соедини во течноста, а втората половина зачувајте ја за подоцна.




Во тенџере ставете го млекото да зоврие заедно со путерот/маргаринот и 1 лажичка ванилин шеќер. Кога млекото ќе зоврие, со повремено мешање тргнете го тенџерето од рингла и додајте половина од течноста во првата смеса од јајца.




Измешајте, па додајте го остатокот од брашното и на крајот остатокот од млекото. Убаво соединете ја целата смеса додека да биде без грутчиња, треба да има конзистентност малку погуста од онаа за палачинки.




Плех со димензии 32х20 см обложете го со хартија за печење и во него излејте ја смесата. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути додека да фати коричка одозгора По печењето оставете колачот малку да се излади, па потоа наросете го со шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во едно тенџере ставете 600 мл вода (а кој сака може да стави млеко наместо вода). Додајте четири лажици шеќер и две кесички прашок за пудинг. Промешајте убаво со жица за матење додека да се изедначи, да нема грутчиња. Може да користите било каков пудинг со светла боја, по ваш вкус, да не е чоколаден, поради визуелниот изглед на колачот (кексите се темни, со какао).

Смесата ставете ја на оган, на умерена температура и постојано мешајте додека да згусне. Кога ќе се свари, во врелиот пудинг ставете 120 г путер исечкан на ленти. Промешајте додека тој да се растопи и соедини со пудингот. Кремот оставете го на страна да излади.

Калап со димензии 22х15 см обложете го со хартија. Бисквитите натопувајте ги во вода/млеко/сок (по вкус) и редете ги во два реда на дното на плехот (бисквити се потребни околу 100 г, тоа зависи од величината на калапот кој ќе го користите).

Во изладениот крем додадете крем сирење и убаво измешајте за да се изедначи. Потоа додајте кршени бисквити и уште еднаш промешајте со лажица. Филот рамномерно распоредете го врз кората од бисквити и израмнете.

Одозгора може да наросите мелени/сечкани кекси или чоколадна глазура. Колачот изладете го добро пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.