Откако еднаш го испробавме рецептов и го пробавме, толку многу ни се допадна што речиси секој ден го правам, а за гости секогаш во двојна мера.
Лепчето може да се премачкува со песто од босилек, може да се нароси со рендан пармезан и ситно пропржено лукче, може само да се премачка со доматен сос… варијанти и вкусови има многу. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто, го собира во плех 32х32 см): 250 мл топла вода, 5 г сув квасец (1/2 кесичка), 5 г шеќер (1 лажичка), 5 г сол (1 лажичка), 25 мл масло, 450 г брашно. ЗА СОС: 50 мл маслиново масло, 3 големи чешниња лук, 3 г сол, 20 г свеж магдонос, 20 г рендан пармезан
ПОСТАПКА: Во млака вода ставете шеќер и квасец, па промешајте додека да се растворат состојките. Потоа додајте сол и масло, уште еднаш промешајте, па целата содржина истурете ја во брашното.
Промешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течностите во брашното, а потоа замесете со рака. Изработете го тестото додека да се формира мазна топка. Тестото е меко и еластично, но не се лепи на рака.
Покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете го половина час да стасува на топло место, додека да го удвои својот волумен. Ова тесто многу убаво нараснува. Потоа наросете го со прстофат брашно, па истресете го на работна површина.
Лесно премесете го колку да формирате тркалезен облик, па со помош на прстите и дланките формирајте го лепчето како „дебела“ пица. Потоа многу полесно се развлекува со оклагија. Развлечете го со величина на плехот или тепсијата во која ќе го печете.
Кората/лепчето префрлете го во плехот, претходно обложен со хартија за печење, покријте го и оставете го да одмори 15-тина минути, колку да стаса уште еднаш и да нарасне. Потоа исечете го на коцки.
Следно, направете го сосот со кој ќе го прелиете. Во еден сад ставете го маслиновото масло, додајте сол, рендан лук и пармезан и на крај ситно сечкан магдонос или босилек. Добро промешајте додека сите состојки да се соединат.
Распоредете ја смесата рамномерно врз целото лепче, па ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.