Ви претставуваме рецеот за слатки домашни кифли поубави од кифлите на која било пекарница во светот. Меки се како душа. Се филуваат со џем или крем по ваша желба со додаток од посебни „трошки“ приготвени од путер, шеќер и брашно.
Токму овие трошки го даваат специфичниот вкус на овие кифли. Тестото е меко и убаво за работа, па не треба да сте особено вешти со месењето за да ги приготвите овие кифли. Само следете ги сите чекори и ќе ги направите најубавите слатки кифли во светот. Еве што ви не потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млако млеко, 1/3 лажичка сол, 10 г сув квасец (25 г свеж), 220 г шеќер, 3 јајца, 1 кг брашно +- и 180 г путер омекнат на собна температура. За фил-трошки од тесто: 80 г путер, 50 г шеќер, 130 г брашно, џем или крем по вкус и јајце со малку млеко за премачкување.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 500 мл топло/млако млеко, еден прстофат сол, 10 г сув квасец (1 кесичка), 220 г шеќер и 3 јајца на собна температура. Изматете убаво да се изедначат состојките. Во течната смеса започнете постепено да го додавате брашното и продолжете да мешате со лажица.
Кога брашното малку ќе се впие, додајте и 180 г омекнат путер на собна температура, па продолжете со мешање. Тестото истресете го врз набрашнета површина, па продолжете да го месите рачно. Месете го додека да добиете меко, мазно тесто кое не се лепи на допир.
Измесеното тесто покријте го со најлонска кеса и крпа, па оставете го на топло место да стасува околу 1,5-2 часа. Соединете со рака 80 г путер, 50 г шеќер и 130 г брашно, и месете додека да добиете ронливи трошки. Стасаното тесто поделете го на 20-22 приближни еднакви делови, а потоа обликувајте топчиња.
Покријте ги со најлон кеса и оставете ги малку да одморат. Потоа секое топче со оклагија развлечете го овална кора, па на едниот крај ставете една лажица од претходно приготвените трошки и една лажица џем или крем по вкус.
Преклопете го филот и свиткајте ја кифлата, слично како што се виткаат сармите од зелка, така што добро ќе го спакувате филот. Вака пригответните кифли наредете ги во плех обложен со хартија за печење, покријте ги со најлонска кеса и оставете ги да стасуваат 35-40 минути.
Стасаните кифли одозгора премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги со преостанатите трошки од тесто. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 170 степени околу 30-35 минути, додека убаво да заруменат.