Двобојните обланди со мелени бисквити и ореви може да се направат во посна и мрсна варијанта, а по желба може да се додадат чоколадо, кокос или нешто по желба. Ова е еден од побрзите рецепти кој нема да ви одземе многу време, се приготвува лесно и едноставно, а се добиваат голем број многу вкусни колачи, што е одлично за слава или друга свечена прослава.




Во продолжение прочитајте 2 рецепти, па одберете кој повеќе ви се допаѓа. Првиот рецепт е предлог на Tome Naty Tasev во чиј рецепт има богатство од вкусови: белиот фил се меша со кокос, а темниот со ореви, а пак, вториот рецепт е предлог на Cooking во чиј рецепт се користат само основни состојки. И од двата предлози можат да се направат посни колачи доколку се користат посни намирници. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 200 г шеќер, 250 г путер/маргарин, 500 г мелени бисквити, 100 г бело чоколадо, 100 г темно млечно чоколадо, 150 г кокосови снегулки, 150 г мелени ореви, 5 листови обланда

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода/млеко, 250 г маргарин/путер, 150-200 г шеќер, 200 г ореви, 250 г мелени бисквити, 120 г чоколадо, 5 листови обланда

рецепт 2




ПОСТАПКА за рецепт 1: Млекото ставете го во тенџере и вклучете да се загрева на умерена температура. Додајте го шеќерот и мешајте додека да се растопи. Оганот не смее да биде силен, туку умерено тивок.




Додајте го путерот исечкан на коцки и мешајте додека целосно да се растопи. Потоа тенџерето тргнете го од оган и додајте ги мелените мелените бисквити. Мешајте додека целосно да се впијат, а потоа добиената смеса поделете ја на два приближно еднакви делови.




Во првиот дел додајте го белото чоколадо (претходно растопено) и кокосот, па промешајте енергично додека да се распоредат состојките и да се собие хомогена смеса без грутчиња. Во вториот дел додајте го млечното чоколадо (растопено) и мелените ореви. Оставете ги филовите настрана да се оладат (покриени со стреч фолија за да не фатат коричка).




РЕДЕЊЕ: лист обланда (со рапавата страна нагоре), 1/2 темен фил, лист обланда, 1/2 бел фил, лист обланда, 1/2 темен фил, лист обланда, 1/2 бел фил, лист обланда. Добро притиснете одозгора и ставете да се олади најмалку 2 часа пред сечењето. Видео-презентацијата погледнете ја ОВДЕ. А во продолжение прочитајте ја постапката и од вториот рецепт:




ПОСТАПКА: Во тенџере ставете вода, додајте шеќер и маргарин, па ставете на рингла за да се растопи маргаринот. Истовремено растопете го чоколадото на пареа или микробранова печка. Кога ќе се растопат маргаринот и шеќерот тргнете го тенџерето на страна и додајте мелени ореви и мелени кекси.




Добро промешајте па добиената смеса поделете ја на два еднакви дела. Во првиот дел додајте го растопеното чоколадо и добро измешајте за да се изедначи. Оставете ги филовите две-три минути да се подизладат, за да не ви излезат обландите жилави доколку ги филувате со топла смеса.




Листот обланда премачкјате го со половина од темниот фил, врз страната која има покрупен рељеф, па поклопете со друг лист обланда. Преку тој лист нанесете половина од светлиот фил, па обланда, 1/2 темен фил, обланда, 1/2 светол фил и завршете со обланда. Потиснете со некој терет, оставете го колачот во ладна просторија да преноќи. Следниот ден сечете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.