Јадењето е превкусно зошто се мешаат различни вкусови и се добива неодолив „шмек“, па после не знаете за доста… : – )

Потребни состојки:

500 г мелено месо
1 чаша варен ориз
1 парче леб натопено во млеко
1 јајце
2 супени лажици сечкан магдонос и морков
По вкус сув зачин (вегета), сол и црн пипер
1 мала лажичка црвен пипер
1 лажица доматно пире
1 говедска коцка
700 мл вода

Зеленчук:

8 пиперки
4 домати
2 тиквички
20 листови блитва
2 големи моркови
Цели листови магдонос
1 главица црвен кромид
3 чешниња лук
Вие можете да додадете уште кромид, така што ќе го полните…

Постапка:

Целиот зеленчук добро измијте го. Тиквичките исечкајте ги на три дела па издлабете ги. На доматите исечете им го врвот како капа, па исто издлабете ги.

Пиперките исчистете ги од дршки и семки. Морковот исечкајте го на тркалца.

Листовите од блитва попарете ги кратко во солена вода да омекне и полесно да се витка.

Во посебен сад ставете го меленото месо, јајце, лебот кој сме го исцедиле од млекото, оризот, магдоносот о морковот, вегета, сол, црн пипер и црвен пипер. Додадете и главица изрендан црвен кромид и три чешниња лук, но јас го правев без – по желба на мојот сопруг. Вие сигурно ќе ќе си додадете зошто кромидот и лукот даваат посебен вкус на јадењата.

Во шерпата излијте 700 мл вода и во неа проварете говедска коцка.

Во друга шерпа на малку путер пропржете лажица доматно пире и малку црвен пипер. Кога ќе зоврие излијте ја говедската течност/база и оставете малку да проврие за да добиете сос/сафт.

Сега полека секој зеленчук еден по еден полнете го со филот од мелено месо и редете во подлабока тава која има капак.

Наредете се’ едно до друго, сармичките од блитва свиткајте ги и исто така, додадете ги. А морковот исечен на парчиња наредете го надолжно.

Печете во загреана рерна околу 50 минути на 250 степени. После 15 минути од почетокот на печењето додадете го говедскиот сос.

Кога зеленчукот ќе омекне и ќе биде готов за послужување, уживајте во различните вкусови кои се споиле во еден… Може да послужите со лажица кисела павлака.