Пепелницата е добро познато габично заболување кое ги зафаќа листовите, цветовите и стеблото и остава бела прашкаста трага. Напаѓа многу видови растенија, вклучително доматите, лозницата, гравот, розите и многу други градинарски култури и цвеќиња.
Оваа болест не само што го расипува изгледот на растението, туку може и целосно да го уништи. Сепак, охрабрувачки е тоа што може да се контролира и спречи. Штом се забележат првите знаци на болеста, потребно е да се реагира и да се преземат одредени чекори во нејзино сузбивање.
Идентификување на пепелница
Габите од родот Erysiphe или Sphaerotheca се предизвикувачки агенси на пепелница кај некои од растенијата. На нивното ширење му годи топла и влажна средина, а раното препознавање е од суштинско значење бидејќи оваа габична болест може целосно да го уништи растението.
Се шири по целата негова површина, но најмногу се забележува на листовите и визуелно остава впечаток дека растението е посипано со прав од пепел.
Како да се контролира пепелница
За да се спречи појава и развој на пепелница, неопходно е да се преземат одредени мерки. За почеток, би било добро да се избегнува наводнување одозгора, (секогаш кога е можно), а наводнувањето да се врши во раните утрински часови, за сонцето во текот на претпладнето да ги исуши листовите и стеблото.
Имајќи предвид дека растенијата кои се засадени густо се поподложни на габични заболувања, потребно е да им се обезбеди потпора на која би можеле да се искачуваат и која би им обезбедила добра проветреност.
Бидејќи спорите на овие габи можат да опстојат и во текот на зимата, важно е да се исчисти почвата од заразените растителни остатоци на крајот од сезоната.
Покрај тоа, неопходно е добро да се прихранат и наводнуваат растенијата за да можат да се спротивстават на габичните напади во доцната сезона на растење. Исто така, доколку во близина на растенијата од грав има рози или некои други украсни растенија, потребно е да се испрскаат со фунгицид на база на бакар.
Од друга страна, третирањето на растенијата што се користат за јадење со средство против пепелница е многу ризично, бидејќи достапните средства не се однесуваат на овие култури. Затоа, најдобро е навремено да се истретираат со природно средство кое нема да штети ниту на билката, ниту на плодовите кои ќе ги даде, ниту на околината.
Калиум бикарбонатот е еколошка замена за сода бикарбона и е успешно средство за запирање на пепелницата и претставува успешен фунгицид за растенија. Со негова помош се заштитува не само растението, туку и околината.
Сите сте слушнале за сода бикарбоната или натриум карбонат и неговите придовки како еколошко помошно средство за одгледување на растенија. Но, она што малкумина го знаат дека постои сода која има многу посилен ефект од оваа, а тоа е калиум бикарбонат.
Содата калиум бикарбонат е насекаде во природата и таа е безопасна за животната средина, за разлика од сода бикарбоната која содржи натриум. Во поголема количина натриумот може да биде токсичен за корењата на растенијата.
Многу малку се говори за штетната страна на сода бикарбоната која сепак, далеку е подобра од синтетичките препарати, но сепак, не е 100% безопасна. Натриумот од содата е исто толку штетен како и хлорот кој се наоѓа во синтетичките пестициди.
Никој од органските градинари не ги купуваат ваквите штетни средства, но важно е да се знае. Затоа, калиум бикарбонатот е еколошка замена за сода бикарбоната, кој наместо натриум содржи калиум.
А, калиумот е еден од основните минерали неопходни за раст и развој на растенијата. Кога ќе го набавите калиум бикарбонатот и ќе го отворите, ќе забележите дека изгледа идентично како сода бикарбоната, односно како бела прашкаста супстанција.
Тоа е органско соединение, целосно безопасно за природата. Третманот со калиум бикарбонат е едноставен: една супена лажица се раствора во 4 литри вода, или три супени лажици на 12 литри вода.
Дополнително, додајте една супена лажица органски течен сапун на еден литар вода, и исто така една супена лажица густо, квалитетно масло како што е маслиново масло на пример, кое се додава со цел подобро да се распрсне растворот и одржи на листовите.
Се разбира, органските производи полесно се измиваат од дождот отколку синтетичките, кои се задржуваат и после обилен дожд. Но, која е алтернативата? Да се користи синтетички производ? Еве да земеме еден пример: производ кој се користи за контрола на прашкаста мувла и разни габични заболувања кај растителните култури:
Еве што пишува во предупредувањето на производот: канцероген, акутно токсичен, иритирачки за очите и кожата, акутно опасен за водата и животната средина! Значи, ваквите производи не доаѓаат во предвид ако се грижиме за сопствено здравје и животната средина!
Затоа, користете калиум бикарбонат за ваше добро и добро на природата. Се наоѓа во природата и плус, совршено го заменува штетното влијание на натриумот од сода бикарбоната. Еколошки е безопасен за изворите, потоците, почвата и растенијата.
Како што можете да забележите времето е променливо и често врне, што е комплицирано за органските одгледувачи кои не сакаат да користат синтетички пестициди. Сите ние треба да се бориме за органски начин на производство ако сакаме да ја заштитиме планетата и опстанокот на идните генерации.
Затоа, следете ги временските прогнози и веднаш после дождот испрскајте ги растенијата со раствор од калиум бикарбонат, органски сапун и масло. Мора да се делува веднаш после дождот, а идеално би било наутро.
Инаку, се советува третирање на растенијата со калиум карбонат еднаш неделно. Секако, дополнително после секој дожд. Затоа, не ризикувајте и прскајте ги растенијата после дождот со овој раствор. Калиумот е добар за сите габични заболувања кај растенијата.
Но, не смее да претерува. Ако растението е заразено, отсечете ги зафатените делови и отстранете ги, а помалите зафатени површини третирајте ги со растворот, еднаш неделно и секогаш после дожд, најдобро наутро. Презентацијата погледнете ја ОВДЕ.