Сите сакаме да јадеме пита со тенки кори и вкусн фил, но не сме сите вешти со тестото и во развлекување на кори. За среќа, може да се направи вкусна пита со готови кори и богат фил, која воопшто не заостанува од домашните пити, а можеби е и поубава. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г готови кори за пита, 200 г спанаќ (исчистен и исечен ситно на лентички), 1 јајце и 1 жолчка, 80 мл масло, 80 мл вода, 3 супени лажици кисело млеко, сол по вкус




ПОСТАПКА: Спанаќот измијте го лист по лист и исчистете го од дршките. оставете да се исцеди на цедилка од вишокот вода, а потоа исечете го ситно на лентички (како за салата на пример). За филот ќе користиме свеж спанаќ.




Посолете го со половина лажичка сол и измешајте го со притискање низ прсти за да омекне. Одозгора наросете го со малку масло и промешајте. Во посебен сад скршете едно цело јајце (*во остатокот од смесата што ќе остане на крај, ќе додадете уште една жолчка од друго јајце).




Во јајцето додајте три полни супени лажици кисело млеко (или кисела павлака), 80 мл масло за готвење, 80 мл вода (на собна температура или ладна) и посолете со прстофат сол. Добро изматете додека да се изедначат состојките во еднолична смеса.




Врз работната површина отворете една кора. Со силиконска кујнска четка премачкјате ја целата кора со приготвената смеса. Поклопете ја кората надолжно на половина, така да добиете долг и широк правоаголник, па повторно премачкјате преку целата површина.




Потоа уште еднаш преклопете надолжно, па ќе добиете уште потесна лента која исто така, треба да ја премачкате со смесата. На едниот крај ставете една до две лажици фил, па започнете со превиткувањето во вид на триаголник.




Преклопете го филот од едната страна под агол, потоа од другата страна, па продолжете со цик-цак преклопување долж целата лента. Постапката повторете ја и со останатите кори, а приготвените триаголници-пити редете ги во плех или огноотпорен сад претходно намастен со масло за готвење.




Во смесата од јајце и кисело млеко што ќе ви остане, додајте уште една жолчка од јајце и добро промешајте за да се изедначи. Со оваа смеса премачкјате ги одозгора триаголниците-питички и ставете ги да се печат во загреана рерна на 220 степени околу 20 минути. Печените пити послужете ги топли или ладни.