Оваа торта едноставно се топи во уста, неодоливо е вкусна. Од само неколку состојки се приготвува многу богата чоколадна торта која носи име „Пиjaна вишна“, но ако ме прашувате мене, јас би ја нарекла „кралска“. Едноставна е, но толку многу е вкусна, што сите нè воодушеви. Овој рецепт вреди да си го запишете, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап со флексибилен обрач со дијаметар од 20 см, за поголема торта соодветно зголемете ги состојките): 5 јајца, 1 прстофат сол, 150 г шеќер (7 супени лажици), 80 г брашно (5 супени лажици), 45 г какао во прав (4 супени лажици + 1 мала лажичка), 30 г скроб/нишесте/густин (3 супени лажици)
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 300 г вишни (2 чаши), 120 г кондензирано млеко (5 супени лажици + 1 мала лажичка, а доколку немате купечко, направете сами домашно – рецепт ОВДЕ), 70 г путер, 120 г темно чоколадо, 50 мл ликер или коњак (4 супени лажици)
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ГЛАЗУРА: 120 мл слатка павлака/крем 20% (10 супени лажици), 130 г чоколадо, 30 мл растително масло (2 супени лажици), 50 г ореви или лешници
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и прстофат сол, па пенасто изматете ги. Потребно е да ги матите околу 8 до 10 минути додека смесата убаво да згусне и да стане кремаста, а шеќерот целосно да се растопи.
Во смесата додајте ги сувите состојки, по можност просеани и во неколку наврати, за да добиете нежен и воздушест пандишпан (брашно, какао и скроб). Овојпат не ви е потребен миксер, а смесата промешајте ја со лажица или шпатула. Мешајте полека, со превртување од долу кон горе, за да се сочува пенливоста.
Калапот со дијаметар 20 см обложете го на дното и ѕидовите со хартија за печење, па излејте ја смесата и распоредете ја рамномерно. Неколкупати потчукнете ја од работната површина, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 30-35 минути.
Кога е печен, пандишпанот оставете малку да се олади, па отстранете го обрачот, а потоа и хартијата. Оставете целосно да се олади врз решетка, а потоа пресечете го на една потенка (горна) и една подебела кора (долна). Од подебелата (долнна) кора со прстите извадете го мекиот средишен дел.
Долната издлабена кора вратете ја повторно во калапот (повторно обложен со хартија) и тргнете го настрана додека го приготвувате филот. Во еден подлабок сад ставете го чоколадото искршено на коцки, путерот, кондензираното млеко и ликерот, па сето растопете го на пареа додека да се соедини во еднолична смеса.
Потоа додајте 300 г исчистени вишни без семки и промешајте. Во оваа смеса додајте и иситнети трошки од пандишпанот (претходно што го извадивте од долната кора), но додавајте постепено зошто можеби нема да ви биде потребна целата количина (зависи од сочноста на вишните). Треба да добиете мека смеса:
Со филот исполнете ја издлабената смеса, распоредете рамномерно и израмнете. Одозгора поклопете со горната, потенка кора. Тортата оставете ја во фрижидер да отстои 5-6 часа. Потоа прелијте ја со чоколадна глазура:
На тивок оган или на пареа загрејте ја слатката павлака со чоколадото искршено на коцки (внимавајте павлаката да не ви зоврие) и додајте 2 лажици масло. Во глазурата додајте 50 г лешници, ореви, бадеми… (по вкус), па прелијте врз тортата. Оставете во фрижидер да се стегне 15-тина минути, па може да се послужи. Деталите погледнете ги ОВДЕ.