Многу вкусна зимница од пиперки и домати која се приготвува брзо и едноставно според рецептот на Неличе. „Ова е мојата верзија за пинџур според која јас го правам, мене ми е супер вкусен и искрено за нијанса повеќе го сакам од ајварот“, вели таа.
„Кај мене е запишан како „пинџур”, некои можеби го знаат како лутеница, а се приготвува од домати и пиперки, со додаток од неколку лути пиперчиња по вкус. Кој сака секако, може да ги изостави лутите пиперчиња и да направи благ пинџур.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 кг пиперки за ајвар, 2 кг излупени домати, ½ главица лук, 1 поголема китка свеж магдонос, 2 рамни супени лажици сол, 4 супени лажици шеќер, 250 мл масло, 50 мл бел оцет 9% и 2 феферони (лути пиперчиња)
ПОСТАПКА: Пиперките убаво измијте ги, избришете ги и испечете ги на плотна, исто како за ајвар. Убаво испечените пиперки полнете ги во кеса или тенџере со капак и оставете да се подизладат, па излупете ги и исчистете ги од семето.
Потоа пиперките исечете ги на ситни коцки, не треба да ги мелете.Ова е еден од деталите што овој пинџур го прави единствен. Доматите убаво измијте ги, па засечете ги како крст од задната страна и спуштајте ги краткко неколку секунди во жешка вода, па веднаш вадете ги и ставајте во ладна вода со неколку коцки мраз.
На овој начин многу полесно ќе ги излупите, а може и само кратко да ги попарите со врела вода. Лупените домати исечкајте ги, исто така поситно. Во длабоко тенџере ставете го маслото да се загрее на умерена температура, па додајте ги сечканите домати.
Промешајте и дадајте го ситно сечканото лукче, па продолжете со пржењето додека зеленчукот да омекне (доматот да се раскашави). Потоа додајте ги сечканите пиперки, сечканиот магдонос, оцетот, солта, шеќерот, сечканите феферони и динстајте околу 1 час додека да добиете убава густина.
Полнете ги загреаните претходно стерилизирани тегли, затворајте ги убаво херметички со чист капак и превртете ги за да се вакумираат. Завиткајте ги во ќебе или стари верници и оставете така да изладат.
Ова е мера за една доза од која се добиваат 11 мали тегли/шишиња од 300 мл. Секако, по желба удвојте ја количината. Зимницата се чува на ладно и темно место. Прецепт на Неличе/Сооlinarika.сom