Ви го претставуваме рецептот за „мрзлива пита со јаболка“, еден од најчесто приготвуваните колачи на Балканот. Испробајте го според овој рецепт и кажете ни дали ви се допаднал, а доколку и вие имате некој ваш проверен рецепт, споделете го со читателите на НМД.

Под пишаниот рецепт можете да ја погледнете и видео презентацијата, а потоа можете да ја прочитате и посната верзија на овој колач кој уште полесно и побрзо се приготвува. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ – Рецепт 1 (за двете кори): 2 јајца, 650 г брашно, 250 г путер или маргарин, 200 г кристал шеќер, 200 мл кисела павлака, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ФИЛ: 200 г кристал шеќер, 1,5 кг јаболка, 1 мала лажичка цимет (5 г)

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го речиси целото брашно (500 г), додајте го омекнатиот путер или маргарин (на собна температура), па со раце втријте ги двете состојки додека да добиете смеса како трошки. Потоа додајте ги јајцата и шеќерот, измешајте, па додајте ја киселата павлака.




Соединете ги сите состојки мешајќи со лажица или шпатула. Потоа додајте го прашокот за печиво и замесете ја смесата со постепено додавање на брашното. Количината на брашното може да варира во зависност од величината на јајцата, па затоа потребно е е да се додава постепено.




На крај треба да добиете компактно, нелепливо тесто. завиткајте го во кеса или проѕирна-стреч фолија, па оставете го во обичен фрижидер да отстои еден час. За тоа време пригответе го филот. Исчистете ги јаболката и изрендајте ги, па ставете ги во некое тенџере на умерена температура.




Додајте го шеќерот и промешајте. Оставете јаболката да се сварат, приближно 10-тина минути да вријат со повремено промешување, а пред крајот додајте цимет, промешајте и тргнете го тенџерето настрана. Кога тестото ќе отстои во фрижидер, извадете го и поделете го на два еднакви дела.




Развлечете го првиот дел во форма на правоаголник, со големина на големиот плех од рерна, па ставете ја кората во плехот кој претходно сте го намастиле со маргарин или путер. Распоредете ја убаво, да биде рамна, па нанесете го целиот фил од јаболка, може да биде топол или ладен.




Земете го второто тесто, па исто како првото развлечете го со големина на плехот, навиткајте ја кората на оклагија и внимателно положете ја врз филот од јаболка. Ако има вишок од кората едноставно отсечете го тој дел. Избоцкајте ја одозгората со виљушка, па вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




Додека рерната се загрева питата нека отстои. потоа ставете ја да се пече околу 40 минути. печената пита оставете ја целосно да се олади, па дури потоа сечете ја. одозгора наросете ја со шеќер во прав и послужете ја. Деталите од целата постапка погледнете ја ОВДЕ. Еве што ви е потребно за посната верзија:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ – Рецепт 2 (за суви состојки): 280 г брашно, 100 г презла, 160 г пченичен гриз, 400 г шеќер, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 100 г лешник (ореви или бадеми), ½ кесичка цимет или по вкус. ЗА ФИЛ: 2 кг киселкасти јаболка. За преливање на питата: 250 г маргарин или путер




Лешниците (оревите или бадемите) ставете ги во рерна малку да се испечат за да добијат посилна арома. Кога ќе се оладат сомелете ги. Мерката за јаболка е дадена за неисчистени јаболка. Измијте ги добро, излупете ги, изрендајте ги на крупно ренде и поделете ги на два еднакви делови.

Во подлабок сад соединете ги сувите состојки: брашно, презла, гриз, шеќер, прашок за печиво, мелени лешници и цимет. Оваа смеса поделете ја на три еднакви делови.




Плех со величина 35х20 см намастете го со маргарин (или путер) дното и ѕидовите, па рамномерно истурете една третина од сувата смеса. Со лажица нежно израмнете. Одозгора распоредете половина од ренданите јаболка (не се цедат). Потоа истурете ја втората третина од суви состојки, па остатокот од јаболката и последната третина.

Маргаринот растопете го и со лажица прелијте го рамномерно врз питата. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени. Кога површината ќе добие благо румена боја, питата прекријте ја со алуминиумска фолија и продолжете со печење.

Печената пита (пробајте со чепкалка дали е печена) извадете ја од рерна и оставете целосно да се олади. Потоа сечете ја на коцки и послужете. Питата може по вкус да ја наросите со шеќер во прав.