Нашата драга пријателка Рената Трајчевска овојпат нè изненади со уште еден оригинален чизкејк, овојпат со вкус и изглед на лубеница. На ова ремек дело можат да и позавидат и најреномираните слаткарници во светот.
Фото и рецепт: Рената Трајчевска
Потребни состојки:
Калап 24 см
300 г мелени бисквити
125 г растопен путер
1 лажица мед
½ цеден портокал
Постапка:
Сите состојки се мешаат додека да се изедначи смесата, па потоа се натапкува рамномерно како основа во калапот со обрач. Се остава во фрижидер додека се приготвува првиот крем.
за крем 1:
250 г маскарпоне
250 мл слатка павлака (хопла)
80 г шеќер во прав
1 мала туба црвена прехрамбена боја
2 кесички желатин растопени во 50 мл врело млеко, претходно покиснати во малку вода
1 рака чоколадни капки
Постапка:
Пенасто се мати маскарпонето со шеќерот. На страна се мати хоплата, па се соединува со маскарпонето. Се додава црвена прехрамбена боја и на крај приготвениот желатин (се меша со ладна вода според упатството и се остава да набубри. Потоа се раствора во врело млеко). Кремот се прелива преку подлогата, па се враќа во фрижидер.
За крем 2:
250 мл слатка павлака (хопла)
250 г маскарпоне
300 г лубеница
40 г шеќер во прав (кој сака поблаго, може повеќе да стави)
1 кесичка желатин
Постапка:
Пенасто се мати слатката павлака и се соединува со маскарпонето. Лубеницата се чисти од семки и се блендира, па се филтрира (низ сито) за да се добие само сокот и кратко се вари на оган со 40 г шеќер во прав. На крај, во не многу врела смеса, се додава 1 кесичка желатин приготвен според упатството (натопено во малку вода), па откако ќе подизлади се соединува со смесата од маскарпоне и хопла, па се излева преку првиот крем и повторно се враќа во фрижидер.
За завршен слој:
300-400 г лубеница
1 кесичка прелив за торти
Постапка:
Лубеницата се чисти од семките, се блендира и филтрира (низ сито) и се вари кратко на рингла. Откако ќе се излади малку, се додава прелив за торти, кој е проѕирен слично на желатинот и се купува во исти такви кесички. Се раствора прво во малку вода и потоа смесата се изедначува со жица. Се лади уште малку, па се прелива преку колачот. Одозгора се наросуваат малку чоколадни капки. Колачот се остава во фрижидер да преноќи, па се дегустира следниот ден.
Фото и рецепт: Рената Трајчевска