Полнетите пиперки се познато балканско јадење кое со сласт го подготвуваат Македонците во овој период и во текот на зимата. Полнетите пиперки се секогаш добра опција кога сакате да си направите нешто вкусно, домашно и здраво.
Филот може да го правите посен без месо или пак да ги полните со најразлични намирници кои одговараат на ова јадење. Една од тие опции ја претстави Јелена во нејзиниот рецепт за полнети пиперки со сирење. Како што вели таа, ручекот е готов за кратко време и овој оброк најчесто потсетува на зимницата која се прави токму во овој период.
Ова е еден поразличен начин на подготовка на пиперките. Вака досега сигурно не ви текнало да ги наполните, а новите идеи секогаш се добредојдени. Многу се вкусни, совршени за секој ден, лесен оброк кој се подготвува за брзо време. Секогаш кога ги подготвувам овие пиперки, правам и некоја чорба за да имаме целосно здрав оброк. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250–300 г сирење (фета или некое по желба), 7 помали пиперки, 1 јајце, 2 лажички гриз, 3 лажички сечкано сувомеснато, 2 лажички сечкани маслинки, малку масло, 1 домат, може и малку зготвен доматен сос или купечки, 1 лажичка павлака, 2–3 чешниња лук. И уште ќе ви биде потребно: сол, црн пипер, босилек, копар, магдонос..
Напомена: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, бидејќи филот се прави многу брзо, а и полнењето на пиперките е едноставно. Во зависност од тоа какво сирење користите, според тоа прилагодете ја количината на сол. Не заборавајте дека и сувомеснатото содржи сол, па затоа внимавајте да не го пресолите јадењето (доколку одлучите да ставите во филот).
Исто така, наместо копар може да користите и рузмарин или босилек. Ова е деталната ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад издробете го сирењето со виљушка, а потоа во него додајте 1 јајце, па добро промешајте додека јајцето да се соедини со сирењето. Потоа додајте 3–4 лажички ситно сечкано сувомеснато (шунка, сланина, кулен, врат, а може и комбинација од повеќе сувомеснати).
Додајте ги маслинките, количината одредете ја вие. Во некои рецепти се додава и печурки како замена за месо, но и на овој начин пиперките се многу вкусни. Сета смеса добро промешајте ја и соединете ја додека сите состојки фино да се соединат и распоредат.
На крајот додајте 2 лажички гриз и 1 лажичка павлака. Промешајте уште еднаш, па зачинете по вкус со сол, црн пипер, црвена слатка или лута зачинска пиперка, рузмарин/босилек/копар. Се додава и ситно сечканиот лук на тенки листови. Со добиената смеса се полни секоја од пиперките и се редат во претходно намастена тава. Секоја пиперка се затвора со парче домат.
Доколку ви преостане од смесата, дополнете ги пиперките или ставете повеќе пиперки. Оваа количина е доволна за еден обилен ручек. Преостанатите домати се редат околу пиперките во тавата, а потоа се намастува со уште малку масло одозгора.
Доколку сте зготвиле доматен сос, прелијте го врз пиперките пред да ги ставите на печење, но овој процес не е неопходен. Пиперките се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 45-50 минути, во зависност од јачината на рерната.
Забелешка: Понекогаш од пиперките подготвувам поголема количина, па дел од нив го замрзнувам за другпат или го чувам во фрижидер да имаме за следниот ден за ручек, со мало подгревање на пиперките во рерна. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.