Киселите пиперки полнети со зелка се омилената зимска салата која може да се најде на трпезите. Во ек подготовката на зимниците за претстојните студени денови, па затоа ви го откриваме овој одличен рецепт за туршиски пиперки полнети со зелка кои ќе можете да ги послужите во кое било време.
Имено, доволно е да додадете парче месо и заедно со овие пиперки како прилог, ќе добиете комплетен оброк. И не само тоа, кога еднаш ќе го пробате нивниот неодолив вкус, сигурно ќе ги приготвувате повторно, секоја година.
Многу вкусна зимница полна со витамин Ц! Потребни ви се само три состојки: зелка, пиперки и сол. Зеленчукот „зрее” 15 дена и после тоа може да се користи. Прочитајте го првиот рецепт за кој има и видео презентација, а потоа и вториот според Родна Трпеска.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 кг зелка, 5-6 кг пиперки, 5 литри вода и 150 г сол. ПОСТАПКА: Зелката исчистете ја, односно отстранете ги горните листови и отсечете им го тврдиот дел. Пресечете ја на половина па потоа исечкајте ја многу ситно, односно изрендајте ја.
Ренданата зелка ставете ја во поголем плех. Од пиперките отстранете ги петелките и семето, па ставете ги во голем сад со вода за убаво да ги измиете. Исцедете ги од вишокот вода и оставете ги да се исушат.
Во еден поголем сад ставете малку од ренданата зелка, посолете ја и убаво со рацете истискајте ја. Повторете ја постапката со преостанатата зелка. Откако убаво ќе ја истискате со раце оставете ја зелката да отстои околу еден час за да омекне. За целата зелка доволни се две лажици сол.
Откако пиперките ќе се исушат, во внатрешноста од секоја пиперка ставете малку сол и одложете ја во голема тепсија. Оставете ги и нив да отстојат еден час и да омекнат. Со оваа постапка се прескокнува „обарувањето“ и на тој начин се сочувува витаминот Ц.
Солило: Во 5 литри вода ставете 150 г сол и мешајте додека да се растопи. Пиперките убаво полнете ги со ренданата зелка и редете ги во пластично буре, сад или тегли. Ако ви остане зелка наредете ја како еден слој помеѓу пиперките.
Солилото промешајте го и прелијте го преку пиперките. Поклопете со потиснувач. Затворете и оставете 15 дена, а потоа можете да ги послужите. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. А, еве како ги приготвува пиперките Родна Трпеска:
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 кг пиперки, 3 кг зелка ситно рендана или ситно сечкана, 2 литри вода, 2 чаши шеќер, 1 ½ чаша сол, 750 мл бел оцет 9%, 1 кесичка конзерванс, 1 кесичка винобран, црн пипер во зрно, морков рендан, магдонос сечкан
ПОСТАПКА: Зелката и морковот се рендаат, се посолуваат, се мешаат, се остава да отстои два часа со повремено промешување. За тоа време се мијат пиперките и се чистат од семките. Потоа се полнат убаво и се стегаат, па се редат во поголем сад, тегли или буре.
Се прелива со течноста: вода, оцет, сол, шеќер и винобран, претходно добро промешано да се растопи солта. Се става по желба сечкан магдонос и црн пипер во зрно. Добро затворете и оставете да преноќи.
Следниот ден ако бабурите впиле дел од течноста, дополнете ги теглите со остатокот од солилото, па добро затворете. За дегустација се готови приближно за две седмици.