Пинерлии охридски, меки како душа – мора да ги направите – Рецепт на Катерина Наскова а фотографии и изработка на Ерхана Таирова. Овие печива многу брзо станаа популарни поради брзата и лесна подготовка, едноставниот рецепт, но најмногу поради неодоливиот вкус којшто го имаат.
Најчесто се филуваат со сирење, но како и сите останати печива, можете да ги филувате по ваш вкус и желба. Потребни состојки: 500 мл млеко, 9 супени лажици масло, 900-100 г брашно, 1 супена лажица сол, 2 супени лажици шеќер, 2 коцки свеж квасец, 250 г путер или маргарин, 300 г ситно сирење и 1 јајце за премачкување.
Постапка: Квасецот растворете го млако млеко со една лажица шеќер и малку брашно, па откако ќе се активира, заедно со другите состојки замесете средно меко тесто кое не лепи на раце (Брашното постепено додавајте го). Тестото оставете го да одмори 20-тина минути, па поделете го на 6 делови.
Исто така и коцката путер поделете на 6 делови. Од секое топче развлечете кора, премачкајте ја рамномерно со путерот, на еден крај или преку цела површина ставете ситно сирење и свиткајте како ролат. Ролатот пресечете го на 5 делови. Постапката е иста и за преостантите делови тесто.
Наредете ги во плех облоен со хартија, одозгора премачкајте ги со јајце, наросете ги со сусам и после 20 минути стасување, ставете ги да се печат во загреана рерна околу 25.30 минути на 180 степени. Наместо сирење можете да ставите кашкавал и шунка или нешто друго по ваш избор.
Од нашите читатели дознавме дека ПИНЕРЛИИТЕ се всушност турски рецепт кој се одомаќинил во нашата кујна.Ова е коментар на Nermin Veli: “Peynirlii – Турски – сирењаци, peynir значи сирење на турки. А ова е коментарот на Лилјана Давкова:
“Малку поразличните пинерлии…запишани ми се како “Пинерлиите од Мигноне” затоа што ги правам токму според нејзиниот рецепт. Таа сиренцето го става одозгора и така навистина ми се мераци овие печива. Ова е рецептот, а за тестото се потребни следните состојки:
1 кг меко брашно, 40 г свеж квасец (една коцка), 2 лажички сол, околу половина литар млако млеко, за потопување на ролничките: околу 2-3 лажици маст или маргарин и за филување 1 јајце и сирење по желба, може да биде ситно, дробено, урда или свежо сирење.
Постапка: Од сите состојки за тестото се замесува средно меко тесто кое се покрива и се остава на топло да стасува околу 15-20 минути или ако е потребно и малку повеќе. Потоа од тестото се развлекува правоаголна кора со дебелина од околу 1 см.
Потоа се сечат квадрати и врз секој квадрат се става од филот (сирење измешано со јајце), па се витка во ролничка, а секоја ролничка се потопува во растопена маст или маргарин. Се редат во длабок плех кој не треба да се намастува. Постапката се повторува со целото тесто, а ролничките се редат една до друга.
Ќе ви остане од филот, а во него додадете неколку лажици млеко и прелијте ги ролничките одозгора. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 250 степени околу 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 220 степени и допечете ги додека да добијат убава румена боја.
Времето на печење сепак зависи од вашата рерна. Напомена – доколку цените, можете и вака – веќе развлечената кора во правоаголник да ја премачкате со филот, а потоа да ја завиткате како ролат, па потоа да ги сечете ролничките со големина која вие ја сакате. Кога се брзам јас така правам, но ролничките тогаш ги сечам со тацна.
Рецепт втор – Пробајте ги вкусните пинерлии со урда и спанаќ на нашата драга членка Данче Стојева – Рецептот беше објавен во нашата и ваша група НМД-рецепти. Фотографиите и рецептот се на: Даница Данче Стојева. Потребни состојки:
500 мл млеко, 10 супени лажици масло, околу 900 – 1000 г брашно или по потреба, 1 супена лажица сол, 2 супени лажици шеќер, 1 квасец, 250 г путер или маргарин, 300 г ситно сирење и 1 јајце за премачкување. За фил: 500 г спанаќ измиен и ситно исечкан и 500 г урда.
Постапка: Квасецот растворете го млако млеко со една лажица шеќер и малку брашно, па откако ќе се активира, заедно со другите состојки замесете средно меко тесто кое не лепи на раце (Брашното постепено додавајте го). Тестото оставете го да одмори 30-тина минути, па поделете го на 6 делови.
И шесте топчиња оставете ги 10 минути да одморат. Исто така и коцката путер поделете на 6 делови. Од секое топче развлечете кора, премачкајте ја рамномерно со путерот, на еден крај ставете од филот и свиткајте како ролат. За фил: Ситно исечкајте го измиениот спанаќ и измешајте го со урдата.
Потоа поделете го на 6 дела. Ролатот пресечете го на 5 или повеќе парчиња. Постапката е иста и за преостанатите делови тесто. Наредете ги во плех обложен со хартија, одозгора премачкајте ги со јајце, наросете ги со сусам и после 20 минути стасување, ставете ги да се печат во загреана рерна околу 25 – 30 минути на 180 степени (прво на 200 околу 10 минути, па се намалува на 180 и се печат до крај).
Како фил можете да ставите сирење, спанаќ, кашкавал и шунка или нешто друго по ваш избор. Охридските пинерлии сите ги сакаат, а во видеото на линкот можете да погледнете и како се приготвуваат, на англиски јазик ОВДЕ.
Пинерлиите на нашата драга членка Горица Костовска, фотографии објавени во групата НМД рецепти. Пинерлии и кифлички од исто тесто на нашата драга членка Габриела Миленкоска, исто така, објавени во нашата група НМД рецепти.