Оваа идеја за ручек ја добив сосем случајно и спонтано ги избирав состојките кои ги додавав во јадењето. Од неколку состојки замесив тесто, па ги наполнив со фил од зеленчук и ги испржив. Сѐ излезе многу перфектно и сега домашните бараат повторно да ги направам.




Ставив она што имав дома, а филот излезе многу вкусен, иако без месо. Можеби наредниот пат ќе ги испробам со сирење или со мелено месо, па ќе ги објавам резултатите, на кој начин се поубави. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 1 компир, 1 праз, 3 моркови, 6 супени лажици масло, 1 лажичка сол, 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1 лажичка црн пипер. ЗА ТЕСТО: 2 чаши млеко (400 мл), 2 лажички сол, 5 чаши брашно (600 г), 1,5 пакувања прашок за печиво (20 г), 1,5 лажици црн сусам, 1,5 лажици бел сусам. И уште ќе ви биде потребно масло за пржење.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го филот, па додека се лади, направете го тестото. Излупете и изрендајте го компирот, па тргнете го настрана. Исечкајте го празот на тенки листови, а морковите изрендајте ги, како и компирот.




Во едно тавче ставете 6 лажици масло и почекајте да се загрее. Ринглата треба да ви биде вклучена на средна температура, да не е многу висока. Ставете ги компирите, морковите и празот и пржете ги додека да омекнат и да се зготват, со повремено мешање. Пред крајот зачинете со сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка.




Филот е подготвен, оставете го настрана да се излади, а во меѓувреме подгответе го тестото. ЗА ТЕСТО: Во брашното додајте го прашокот за печиво и измешајте. Во друг сад ставете го млекото, кое треба да биде на собна температура и додајте во него малку сол.




Соединете ги сувите состојки со влажните, така што во млекото постепено додавајте го брашното. Замесете фино и меко тесто кое треба да биде компактно и да не се лепи под прсти. На крајот додајте ги белиот и црниот сусам и замесете го тестото уште малку, додека да се соедини со семките. Покријте го тестото со фолија и оставете да одмори 15-тина минути на собна температура.




По изминатото време, поделете го тестото на 5 еднакви делови и секој дел развлечете го со оклагија, колку потенко можете. Секој дел од тестото поделете го на 3 еднакви ленти – правоаголници (по потреба, претходно израмнете ги краевите на тестото).




Врз правоаголниците редете на средина од филот и потоа завиткајте ги од двете страни како мали ролати. Краевите спојте ги со помош на запците на една виљушка. На овој начин подгответе ги сите правоаголници, ќе добиете околу 20-тина парчиња, сосе остатоците кои ќе ги соберете од краевите на тестото.

Вака подготвените теста пржете ги во длабоко загреано масло, додека да заруменат. Потоа, вадете ги на чинија со хартија за да се исцедат од вишокот масло. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.