Ако сте планирале да правите вкусна роденденска торта, но немате идеја и многу време, тогаш оваа „Нутела орео чизкејк“ торта без печење е одличен избор за вас. Ќе ви претставиме две варијанти од овој рецепт, а според количината одберете која повеќе ви одговара. Нема да се покаете, одличен избор ќе направите. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 (на Љубичица) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г мелени бисквити, 100 г путер, 3 големи лажици шеќер во прав. ЗА КРЕМ: 500 г маскарпоне крем сирење (или друго), 500 мл слатка павлака, 2 големи лажици лимонов сок, 3 големи лажици шеќер во прав. И уште: 5 големи лажици нутела, 16 орео кекси, 1 кесичка шалг крем + млеко
РЕЦЕПТ 2 (на Беба) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г мелени плазма кекси, 80 г растопен путер, 60 г жолт шеќер, 1/2 мала лажичка цимет. ЗА КРЕМ: 400 г крем сирење, 500 мл слатка павлака, 60 г шеќер во прав, 14 орео кекси, 3 големи лажици нутела, сок од половина лимон
ПОСТАПКА за рецепт 1: сомелете ги бисквитите (петит кекси или плазма) и помешајте ги со шеќерот во прав. Додајте растопен, топол путер и промешајте најпрво со лажица, а потоа и со рака, добро измесете.
Смесата треба да биде малку ронлива, со конзистенција на влажен песок, но добро да се обликува кога ќе стиснете. Калапот со пречник од 26 см обложете го со хартија за печење и поставете го флексибилниот обрач. Распоредете ја смесата рамномерно и притиснете со рака.
Орео кексите исечете ги на четвртини. За крем: најпрво изматете го маскарпонето со миксер и додајте го шеќерот. Кога ќе стане кремаст, додајте го лимоновиот сок и додека непрекинато матите додајте ја течната слатка павлака (нема потреба претходно посебно да ја матите).
Вака миксајте 3-4 минути за фино да се соединат сите состојки. Добиениот крем поделете го на два еднакви делови. Во едниот дел додајте нутела и добро промешајте за да се изедначи. Во вториот дел додајте ги орео кексите, па повторно промешајте за да се распоредат.
Врз бисквитната кора најпрво нанесете го кремот со орео кексите, убаво израмнете, па одозгора истресете го кремот со нутела, распоредете и израмнете. Вака приготвената торта оставете ја да преноќи во фрижидер. Следниот ден премачкјате ја со изматен шлаг и декорирајте по желба. Еве ја постапката и за втората верзија:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во мелените кекси додајте шеќер и прелијте со растопен путер. Замесете тесто и добро натапкајте го на дното од обложен калап за торти со пречник од 26 см. Оставете го калапот во фрижидер да отстои приближно половина час.
Крем сирењето изматете го со миксер 1-2 минути, па додајте малку сок од лимон, слатката павлака и шеќерот. Матете уште малку додека сето фино да се соедини. Филот поделете го на два дела, па во едниот дел додајте искршени орео кекси, а во вториот нутела.
Врз подлогата прво ставете го филот со кекси, а потоа филот со нутела. Израмнете и ставете ја тортата во замрзнувач, на еден час. Извадете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.