Овој рецепт за новогодишни кифлички е на Александра Крстева-Јакимовска која со задоволство го споделува рецептот со читателите на НМД.мк. Рецептот за кифлички е многу едноставен и се подготвува многу брзо.
Лесно се памтат состојките, па не ни треба да го запишувате рецептот. Еднаш штом го прочитате веднаш ќе ви остане запамтен. Направете си ги уште сега, а вечер ќе се сладите со нив.
Потребни состојки: 1 кг брашно, 1 свеж квасец, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 3 јајца, 1 шолја јогурт (во рецептот е користен “Браво” јогурт), 1 шолја масло и млеко по потреба да биде меко тестото.
Постапка: На 1 кг брашно се додава свежиот квасец, прашокот за печиво, сол, шеќер, јајцата, јогуртот и маслото. Сите состојки се мешаат и важно е оние состојки кои стојат во фрижидер да бидат отстоени на собна температура пред да почнете со замесување на тестото.
По потреба се додава млекото додека да се замеси фино, меко и нелепливо тесто под прсти. Потоа тестото се остава да кисне 1 час на топло место на собна температура.
Потоа во плех се редат тенки кифлички (свиткани по ваша желба, како гасеници или обични) и се оставаат да отстојат уште 1 час. Се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути во зависност од шпоретот.
II РЕЦЕПТ. Кифлички со јогурт и кисела павлака за 20 минути – ЖУ ЖУ. Брзи, вкусни, подобри од купечките! Можете да ги приготвувате за разни слави, родендени и други свечени пригоди, но можете да ги правите и секој ден, бидејќи на сите им се омилени и сите ќе ви ги бараат.
Потребни состојки: 100 мл јогурт, 100 мл кисела павлака, 100 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 40 г свеж квасец, малку сол, 700 г брашно +-. За фил: 250 г путер/маргарин, 200 г + 200 г ситно сирење, 200 г салама, 1 белка.
Постапка: Павлаката, јогуртот и млекото малку замлачете ги, додаjте шеќер и квасец и уште 4 мали лажички брашно. Кога ќе се активира, додаjте ги другите состојки, замесете тесто и оставете на топло место за да стаса и да го удвои својот волумен.
Потоа развлечете една голема кора, преку неа изрендајте еден ладен маргарин и наросете 200 г ситно сирење. Свиткајте во ролат кој треба да отстои половина час, па повторно се развлекува голем правоаголник кој се сече на пет ленти. Во цик-цак се сечат лентите за да се добијат триаголници.
Се филуваат со 200 г сирење и салама сечкана на коцки. Се премачкуваат со разматена жолчка. Можете да ги замрзнете па да ги вадите и печете по потреба. Печете ги додека да добијат убава боја на 180-200 степени, во зависност од вашата рерна. / recepti.com