Многу вкусен бурек, комбинација од лиснато тесто и тесто за пити / јуфки/ кори, целиот е крцкав и неодолив. Може да се приготвува со сирење или месо, ова е варијанта со месо, но во рецептот ќе напишам и верзија со сирење, па можете да си одберете по желба.




Количината на месото можете да ја комбинирате по желба, дали сакате повеќе или помалку фил. Инаку, како што и сами знаете, бурекот исто како и пицата, било јадење за сиромавите кое требало со малку намирници да се нахранат многу гладни усти. Значи, ако се водите од оригиналниот рецепт, во бурекот никогаш не се става многу месо.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г лиснато тесто, 6 готови листови за пита / кори за пита. За прелив: 200 мл газирана вода, 80 мл масло, 1 јајце. За фил со месо: 300 г мелено месо, 2 модри патлиџани, 1 главица кромид, 40 мл масло, прстофат чили (лута пиперка), сол и црн пипер по вкус.




Потребни состојки за фил – верзија со сирење: 100 г свежо сирење, 100 г сирење со зачини, 100 г фета сирење, 1 лажица ситно сечкан магдонос или сув, сол и црн пипер по вкус. Секако, можете да користите и фил според ваш избор и вкус.




ПОСТАПКА: Модриот патлиџан можете да го завиткате во алуминиумска фолија и да го испечете во рерна, 25 минути на 180 степени. Или пак, додека е свеж можете да го излупите од кората, да го исечкате на коцкички, па да го пропржите на масло додека да омекне.




Загрејте малку масло, па на него пропржете ситно исечкан кромид, додајте го меленото месо и продолжете да динстате додека месото да ја промени бојата и да испари вишокот течност, посолете, запиперете и додајте чили и зачини по вкус.




Додајте го претходно запржениот/испечен модар патлиџан, па добро промешајте да се соедини со месото. Потоа направете го преливот: ставете сè во еден подлабок сад, па пенасто изматете со жица маталка.




Листовите/корите за пита свиткајте ги заедно во ролна, а потоа исечете ги на ленти со дебелина од 1 см. Веднаш разделувајте ги штом ги пресечете за да не се залепат една од друга.




Лиснатото тесто поделете го на две половини, а секоја половина развлечете ја со помош на оклагија да биде со големина според величината на плехот во кој ќе се пече бурекот. Потоа кората исечете ја на коцки (приближно еднакви, затоа што и горната кора ќе треба да се сече на коцки, па да се поклопат засеците)




Врз исечената кора рамномерно распоредете половина од исечените ленти / корите за пита. Потоа распоредете ја целата количина од приготвеното месо, израмнете, па наредете го остатокот од корите.




На врв ставете ја втората кора-лиснато тесто, па исечете го бурекот повторно на коцки, а потоа секоја коцка дијагонално на половина / на триаголник, како баклава. Преку бурекот излејте го приготвениот прелив и оставете да отстои половина час. Потоа печете го во загреана рерна на 180 степени додека да добие убава боја и да стане крцкав. / Муцика / Сооlinarika.com

бурек
бурек
бурек
бурек