Овие пенурлии се полнети со сирење и спанаќ, тие се новиот пекарски хит во локалната пекарница каде што живеам. Повкусни се од секоја друга пита, а за мирисот немам зборови. Кога ќе се испечат, дечињата веднаш трчаат и со дување ги јадат, бидејќи не можат да дочекаат да се оладат.
Пробајте го рецептот на Валентина за овие превкусни печива, кој вреди да си го имате запишано во тефтерот. Овие печива често ќе ги подготвувате за појадок, ручек или вечера, а дел од нив може и да ги замрзнете. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл јогурт, 200 мл вода, 50-60 мл масло, 1 јајце, 1 лажичка шеќер, 1,5 лажички сол, 30 г квасец, 700-800 г брашно, 200 г путер или маргарин за премачкување. ЗА ФИЛ: 300 г спанаќ, 400-500 г сирење, 2 јајца.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за замесување на тестото сипете 200 мл јогурт на собна температура (1 чаша). Со истата чаша измерете 200 мл вода која треба да биде млака. Додајте 1 јајце, 1 лажичка шеќер, 30 г свеж квасец или 1 кесичка сув квасец и приближно 100 г брашно.
Промешајте додека да добиете еднолична смеса, без грутчиња и со погуста конзистентност. Потоа, додајте 1,5 лажички сол и постепено додавајте го остатокот од брашното. Конкретно мене ми требаше 700 г брашно, но количината може да варира +/- 100 г.
Измешајте ги состојките прво со дрвена лажица, а кога веќе тестото ќе се оформи преминете на месење со раце. Додајте 50-60 мл масло и измесете уште неколку минути додека да се впие во тестото. Пренесете го тестото на набрашнета површина и домесете го уште малку за да не се лепи.
Вака подготвеното тесто оставете го да отстои 10-15 минути да одмори, а потоа обликувајте го во векна, па поделете го на 12 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче, а потоа топчињата намастете ги и ставете ги под крпа да нараснат 15 минути.
По изминатото време, развлечете го секое топче посебно. Се развлекува додека да се добие тенка кора (поголема од обична чинија). Се намачкува со омекнат путер/маргарин и се превиткува од двете страни до половина. Се премачкува одозгора повторно, па се витка во ролат (кифличка). Потоа, кифличката се притиснува (како што е прикажано на втората слика) во помало топче.
На овој начин се подготвуваат и останатите топчиња од тесто и се редат во намастен плех (малку одвоени бидејќи ќе нараснат). Се оставаат да ја удвојат својата големина, па со намастена лажица се прошируваат на средина така што ќе се направи отвор во кој се става филот.
За филот е потребно да измешате ситно сечкан спанаќ, 2 јајца и издробено сирење и по потреба да додадете сол. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па ставете ги пенурлиите на печење 10 минути. Потоа, намалете ја температурата на 180 и допечете уште 30 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.