Бејгл е вид на лебно печиво кое најчесто се прави во облик на прстен или ѓеврек, со густа и вкусна внатрешност, а крцкава и румена надворешност. Обично пред печењето се наросува со мелено семе од афион (мак), сусам и крупна морска сол.

Според традиционалниот рецепт за бејгли, тестото треба да отстои најмалку 12 часа во фрижидер или ладна просторија, но може и да се прескокне овој чекор, па секој бејгл се вари во врела вода минута до минута ипол во која има малку сода бикарбона, прашок за печиво или мед/јачменов слад, а потоа се пече класично во рерна.




Токму овој начин на постапка го дава препознатливиот вкус и изглед на бејгл печивата. Наместо во врела вода, бејглите можат да се испечат и на пареа. Од количината во следниот рецепт излегуваат 8-10 лепчиња со величина на седвич-лепче и по потреба можат да се замрзнуваат до 6 месеци. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г брашно, 400 мл топла вода, 30 г маслиново масло или путер растопен, 1 лажичка сол, 2 лажички шеќер, 7 г сув квасец (2 лажички или 1 кесичка), 2 литри вода + 3 лажици сода бикарбона за варење на лепчињата и по желба семе или морска сол за наросување




ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте 700 г брашно и промешајте го со 2 лажички шеќер и една кесичка сув квасец (2 мали лажичка), па додајте 400 мл топла вода и 30 г растопен путер или маслиново масло.




Зачинете со една лажичка сол, па со рака убаво замесете го додека да се соединат состојките. Ќе добиете меко и малку лепливо тесто. Тестото истресете го на набрашнета работна површина и месете го неколку минути додека да стане еластично и мазно.




Тоа и натаму сосем малку ќе лепи зашто треба да остане меко. Потоа покријте го со кеса или кујнска крпа и оставете го на топло место да стасува приближно половина час или додека убаво да ферментира и да го удвои волуменот.




Повторно премесете го малку на набрашнета површина колку да го обликувате во валјак за полесно да го поделите на 8 или 10 еднакви делови, а потоа од секој дел формирајте топче. Оставете ги 5 минути да отстојат, а за тоа време зовријте ја водата.

Тенџере со 2 литри вода ставете на оган и додајте 3 лажици сода бикарбона. За тоа време секое топче со прстите сплоснете го и повторно со штипкање соберете го во топче. Можете да ги обликувате во валјаче, а потоа да ги споите краевите во вид на прстен или ѓеврече. Вака обликуваните топчиња редете ги врз хартија малку наросена со брашно.




Покријте ги и оставете ги да отстојат 10 минути. Кога ќе зоврие водата спуштајте ги топчињата да се варат по 30-40-тина секунди од секоја страна, а потоа вадете ги со решеткаста лажица. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




Лепчињата со остар нож одозгора површински засечете ги и наросете ги со крупна сол и семки по желба. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути (на централното ниво од рерната). Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.