Рецепт на Марина Станојевиќ. Некогаш е подобро да си задоволен со она што го имаш и да не бараш повеќе. А веќе доста долго време имав одличен рецепт за погачици со сирење. Се прават брзо, од практично три состојки, тестото може да се замеси порано и да се чува во фрижидер неколку дена, погачиците може да се замрзнуваат и пред и после печење, многу се вкусни и први се изедуваат на секоја прослава.




Но, мене тоа не ми беше доволно и посакав да се листаат како оние жу-жу. Воведов постапка за превиткување на тестото при приготвувањето и ја постигнав целта, но добив и повеќе од што ми треба – погачиците толку многу се разлистаа и отидоа во вис, што некои и повторно паднаа долу.




Имаше секакви случаи како што може да се види на фотографиите. Навистина многу нараснаа и тоа без квасец и прашок за печиво. Иако тестото не го развлеков дебело, веројатно и тоа беше премногу за премалиот калап како основа, па добив и не баш репрезентативни примероци. Поради тоа ви советувам сепак да го прескокнете тој чекор и да ги правите по старата, утврдена, скратена постапка.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г сирење, 300 г путер/маргарин, 300 г брашно и сол по вкус. НАПОМЕНА: Можете да користите количини на состојките по желба (да ги зголемите или намалите), но важно е сите три да бидат застапени во еднаква количина. И УШТЕ: Јајце за премачкување, сусам за наросување




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете ги сите состојки омекнати на собна температура. Замесете го тестото од сирење, путер, брашно и сол (по вкус), најдобро со рака, додека сите состојки да се изедначат. Потоа свиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер најмалку еден час.




НАПОМЕНА: Времето на стоење во фрижидер е од најмалку еден час до неколку денови. Најпрактично е да се остави преку ноќ, па следниот ден да го работите. Од него можете да вадите и колку што ви е потребно, а остатокот да го оставите за подоцна




Кога ќе одлучите да ги правите погачите, извадете го тестото, истресете го врз малку набрашнета работна површина, малку наросете брашно одозгора за да не ви лепи, па развлечете го со помош на оклагија. Започнете да го превиткувате како книга (постапка од сликата) или едноставно само со модла вадете кругови и редете ги на плех обложен со хартија за печење.




Погачите редете ги во плех обложен со хартија. Премачкајте ги одозгора со разматено јајце и наросете ги со сусам/ким/крупна сол, па ставете ги претходно загреана рерна загреана на 200 степени и печете ги додека да заруменат (околу 15-20 мин.)