Старите рецепти на нашите баби и мајки се од непроценливо богатство, бидејќи не само што се едноставни, туку се и многу вкусни, а приготвени од едноставни намирници. Порано речиси секојпат кога за некоја гозба се приготвувало печено месо, покрај разните сосови се послужувал и познатиот ролат наречен „Ловечка кнедла“, кој верувале или не, се приготвувал во крпа.
Денес наместо крпа домаќинките користат обична проѕирна стреч фолија, а главната состојка за овој рецепт е – леб. И тоа, лебот е уште подобро доколку е стар 2-3 дена. Па така, доколку ви останал вишок леб, не фрлајте го, туку пригответе го овој превкусен ролат кој совршено одговара со некои масни меса, особено дивеч.
Прочитајте го и споделете го рецептот на Наташа во презентација на Рада (видеопрезентацијата можете да ја погледнете на линкот подолу во текстот). Може да го послужите и со некој сос или само како прилог-закуска, но верувајте дека сите ќе ве прашаат за неговиот рецепт.
Изборот на состојките може да го прилагодите по ваш вкус, нема органичување во однос на додатоците и зачините кои се додаваат (освен основните состојки). Ролатот може да го правите пикантен, или обичен солен, по вкус. Од оваа количина излегуваат 2 ролати со средна величина, така што може да ги направите различни и да испробувате различни вкусови.
Толку лесно се приготвува што ќе стане вашиот омилен рецепт. Покрај тоа, кога ќе се пресече, ролатот изгледа многу декоративен и шарен, така што нема да трошите време на декорација. Освен основните состојки може да додадете моркови и грашок за уште пошарен изглед. Еве кои состојки ви се потребни за 2 ролати:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бел леб (може да биде стар 2-3 дена), 30 г растопен путер, 1 помала главица кромид, 50-60 г сланина (или некое друго сувомеснато, пример царско месо), 2 јајца, 200 мл млеко, 1 лажичка сол, 1 лажичка црн пипер или по вкус, 1 лажичка вегета, малку морско оревче (на врв од нoж), 1 лажица ситно сечкан свеж магдонос.
Уште ќе ви биде потребно и 2 тенки кујнски крпи кои треба да ги натопите во ладна вода и добро да ги исцедите, и уште едно големо тенџере (најголемото што го имате во ширина). Наместо крпи може да користите проѕирна фолија, изборот е ваш.
ПОСТАПКА: На дрвена даска за сечење, исечете го лебот на коцки (покрупни, за да не се распаѓа) како кубети. Потоа коцките наредете ги на еден плех од рерна, обложен со хартија за печење и убаво распоредете ги, да не се преклопуваат премногу една со друга. Прелијте ги со 30 г растопен путер.
Вака подготвените коцки ставете ги во рерна на 10-15 минути, да се испечат на средна температура колку да се потсушат. Исто така, лепчињата може и да ги пропржите во тава, ако така повеќе ви одговара. Настрана, ситно исечкајте една помала главица кромид и ставете да се запржи во малку масло.
Сланината исечкајте ја на ситни коцки, па додајте во кромидот кога тој ќе омекне и продолжете со динстање додека да ја испушти својата вкусна арома. Печените кубети префрлете ги во еден подлабок сад, па веднаш потоа додајте ја запржената сланина и кромидот.
Промешајте внимателно за да се распоредат рамномерно состојките, па настрана во посебен сад измешајте 2 јајца со 200 мл млеко. Во смесата додајте зачини по ваш вкус: сол, црн пипер и „вегета“, малку морско оревче.. Со течната смеса прелијте ги кубетите и малку промешајте. Смесата оставете ја малку да отстои додека лепчето да омекне и да ја впие течната смеса.
Од смесата црпете со раце, формирајте „грутки“ и редете ги врз крпа или фолија. Притиснете добро за да се формира ролатот, а потоа свиткајте ги ролатите и добро „спакувајте ги. Ако имате доволно широко тенџере за да направите еден ролат, тогаш краевите на крпата убаво фиксирајте ги, а доколку правите два средни ролати, тогаш нема потреба (погледни видео).
Во широко тенџере (каде што ќе ви ги собере ролатите), ставете вода повеќе од половина и додајте 1 голема лажица сол. Кога водата ќе зоврие, ставете ги завитканите ролати во тенџерето и поклопете со капак. Оставете во тенџерето да се варат на средна температура, околу 25 минути.
По изминатото време, извадете ги ролатите, одвиткајте ги од крпите и пренесете ги на чинија. Оставете малку да се оладат, па потоа пресечете ги и послужете ги. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.