Непечена, кремаста, брза торта со бисквити, нутела, слатка павлака и млечно чоколадо – на сите им успева. Едноставен рецепт кој на сите им успева, а тортата има предобар вкус и изглед, лесно се сече и погодна е за разни пригоди.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени плазма кекси, 125 г путер или маргарин, 4 лажици мед, сок од еден портокал или 100 мл купечки сок, 4-5 лажици нутела. ЗА ФИЛ: 500 мл слатка павлака, 200 г бело млечно чоколадо, 200 г црно млечно чоколадо, 2 кесички шлаг крем од ванила – за украсување, 200 мл ладно млеко.
ПОСТАПКА: Со раце замесете ја кората од кексите, путерот, медот и сокот. Смесата истресете ја во калап 26 см и убаво распоредете и натапкајте за да се формира првиот слој, односно кората на тортата. Преку кората премачкајте еден тенок слој нутела и ставете во фрижидер да се стегне.
Кога нутелата ќе се стегне, изматете слатка павлака да биде средно цврста, па поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел додајте растопено бело чоколадо, а во вториот растопено црно чоколадо. Чоколадите може само да ги омекнете во топла рерна или во микробранова печка.
Преку нителата премачкајте го белиот фил, потоа темниот фил и на крај изматете шлаг крем според упатството. Тортата оставете ја во фрижидер, најдобро да преноќи до следниот ден. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте уште еден рецепт за најубавата торта, која сигурно некогаш сте ја пробале:
Ова е една од повкусните торти кои сум ги пробала во последно време. Воопшто не е тешка, напротив, освежителна е. Потребни состојки: 350 г мелени бисквити, 200 г мелени ореви, 250 г путер/маргарин, 200 г шеќер и 1 поголема кутија пишкоти. За крем: 2 пудинг од ванила, 2 лажици брашно, 2 лажици густин, 10 лажици шеќер, 1 литар млеко, 250 г путер/маргарин, 6 банани и 500 мл слатка павлака за шлаг.
Постапка: Прво во еден сад измешајте ги оревите, бисквитите, шеќерот и растопениот путер. Смесата ставете ја во фрижидер за малку да се стегне, а потоа поделете ја на два еднакви делови. Едниот дел распоредете го на дното од калапот за торти и убаво со рака притиснете го за да добиете основа.
Со вториот дел направете го истото, но преку фолија за да можете подоцна да го пренесете на врвот од тортата. За крем: Измешајте го пудингот со шеќерот, брашното и густинот со малку млеко, а остатокот ставете го на оган.
Кога ќе зоврие додајте ја смесата и мешајте постојано додека да се згусне. Кремот тргнете го на страна за да се олади. Во изладениот крем кој повремено го промешувавте за да не фати коричка, додајте пенасто изматен путер и соединете ги.
Врз основата во калапот ставете една четвртина од кремот, врз него пишкоти кратко натопени во млеко, повторно дел крем, па банани исечени на тркалца, па повторно крем, па повторно ред пишкоти, последниот дел од кремот и на крај кората што ја формиравте со фолија.
Тортата е најдобро ако преноќи во фрижидер, па потоа да се тргне обрачот од калапот, да се премачка целата торта со шлаг и да се украси по желба. / Coolinarika.com