Тортите и колачите чие приготвување не бара вклучување на шпоретот, се одлични за летниот период кога не сакаме многу време да престојуваме во кујна. Освен тоа, оваа торта е освежителна како сладолед, нешто што на сите ни е потребно кога надворешните температури се многу високи…
Токму таков е овој рецепт за „сладолед торта од 4 состојки“ со кори од два листа обланда, помеѓу кој се става вкусен и кремаст фил кој се мати за само неколку минути. Во рецептот се содржи кондензирано млеко кое можете да го најдете во супермаркет, а можете и сами да го направите (рецептот можете да го најдете подолу).
Наместо кондензирано млеко може да ставите нутела или некој друг лешников крем, некој овошен сируп, сечкано овошје, рендано чоколадо, мелени ореви или лешници… безброј варијанти. Еве кои 4 состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл слатка павлака (треба да биде ладна, директно извадена од фрижидер), 250 г кондензирано млеко (тоа е густо засладено млеко, рецептот можете да го прочитате подолу), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 листа обланда (исечени со кружен облик според калапот кој ќе го користите)
ПОСТАПКА: Изматете ја слатката павлака со ванилин шеќер (за брзо згуснување во шлаг, оставете го садот за матење неколку минути во замрзнувач). Кога павлаката ќе згусне како шлаг, започнете постепено да го додавате кондензираното млеко со непрекинато матење.
Калапот за торти со пречник 26 см претходно малку намастете го и обложете го со хартија за печење, на дното и страните. на дното ставете еден лист обланда, истурете го кремот и распоредете го рамномерно, па поклопете со втор лист обланда.
Вака приготвената торта покријте ја со проѕирна фолија или кеса и оставете ја во замрзнувач да се стегне 4-5 часа. Пред сечење оставете ја тортата малку да се „отпушти“ 10-тина минути и сечете ја со врел нож (во топла вода и избришан со крпа). Еве како да приготвите кондензирано млеко за 5 минути:
КОНДЕНЗИРАНО МЛЕКО ЗА 5 МИНУТИ: Потребни состојки за 400 г кондензирано млеко: 30 г путер, 60 г шеќер во прав, 200 г млеко во прав, 120 мл зовриена вода и 1 лажичка арома од ванила. Постапка: пастопете го путерот и оставете го на страна.
Во блендер ставете шеќер во прав, млеко во прав, а потоа и растопениот путер, зовриената вода и арома од ванила, па едноставно измиксајте 2-3 минути додека да добиете фина компактна смеса.
Веднаш складирајте го во тегла доколку не планирате веднаш да го користите, оставете малку да подизлади, а потоа ставете го во фрижидер до употреба. Напомена: Ова кондензирано млеко воопшто не е преслатко, а по вкус доколку сакате може да ставите и повеќе шеќер. Но, вака е идеално.