Вкусна пита која расте двојно повеќе нагоре за време на печењето. Не успеав да ја фотографирам убаво бидејќи децата ми беа на гости и веднаш посегнаа по неа, само што ја извадив од рерна. Рецептот го најдов уште лани и многу ми се допадна, па веднаш го направив.




Првиот пат сите нѐ воодушеви и оттогаш постојано ја подготвувам. Тестото се подготвува од 4 состојки, а однатре може да ја филувате по желба. Јас ќе ви претставам рецепт од 2 состојки за филот. Некои питата ја сакаат и шуплива, и така е многу вкусна, но со филот од компир се добива покремаста текстура која се разлева низ устата. Еве што ви е потребно за да ја направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2,5 чаши сенаменско брашно (300 г), 1 чаша топло млеко (200 мл), 1 кафена лажичка (3-5 грама) сув квасец, 1 лажичка сол (4 грама). ЗА ФИЛОТ: 1 компир (300 грама), рендан кашкавал, пр. чедар или некој друг по ваша желба (400 грама), 1 лажичка сол (4 грама).




ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Во еден подлабок сад ставете го топлото млеко, кое претходно треба да биде отстојано минимум 1 час на собна температура. Потоа додајте го сувиот квасец и промешајте ги состојките додека квасецот да се раствори во млекото. За квасецот побрзо да се активира, потребно е млекото да биде топло, но не врело.

 




Во набубрениот квасец истресете го целото брашно и солта, па замесете фино и меко тесто. Тестото не се меси предолго, доволно е додека целосно да се соедини и да стане мазно, сјајно, меко и нелепливо. Потоа на раката ставете си малку масло и намастете го тестото и размесете го уште малку, додека тоа да се впие. Вака подготвеното тесто се остава да отстои околу 30-тина минути, покриено под фолија во садот каде што го замесивте на топло место, додека да го удвои волуменот.




Во меѓувреме се подготвува филот. ЗА ФИЛОТ: Еден поголем компир измијте го добро на два или трипати, па излупете го и потоа исечење го на средни коцки, како за варење. Во тенџере со солена вода ставете ги компирите и оставете да се варат 10-15 минути, додека сите да омекнат. По изминатото време, со виљушка проверете дали се омекнати.




Доколку се омекнати, процедете ги од водата, оставете малку да се оладат, па испасирајте ги во мазно пире. По желба во пирето може да додадете и малку путер за подобар вкус, но не е задолжително, во оригиналниот рецепт не се става. Обавезно Зачинете го пирето со сол, црн пипер и лук во гранули. Ставете го филот настрана додека целосно да се олади.




Стасаното тесто префрлете го на рамна, набрашнета површина и доразмесете го уште малку. Потоа, раширете го во кора со дијаметар од 27 см, со помош на оклагија и по потреба додавајте си брашно, за да не ви лепи. На средина од тестото распоредете половина од филот (како што е прикажано на сликата), па врз филот ставете го ренданиот кашкавал, исто половина од вкупната количина.




Потоа, врз кашкавалот се става втората половина од филот, па се завршува со рендан кашкавал. Следно што треба да направите е да ги споите краевите на тестото внимателно, да се формира како топче. Краевите треба да бидат добро прилепени со прстите, за да не ви излегува филот при печењето. Развлечете го тестото нежно со оклагија за да се рашири.

Префрлете го тестото со фил на плех, обложен со хартија за печење, па превртете го од страната која е мазна. Малку сплескајте го со рацете за да се рашири, но внимателно, за филот да не ви се скине. Потоа превретете го на прилепената страна, повторно натапкајте го да се развлече, па вратете го на другата страна.

Премачкајте го тестото со една разматена жолчка и една лажица млеко и ставете го на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 30-тина минути, или во зависност од рерната. По печењето, се послужува топло, со сечење на правоаголници. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.