Рецептов ме воодушеви, едноставен, брз, евтин, а мини крофничките-фритули излегуваат еден куп и многу се вкусни. Апсолутно вкусно и брзо, едноставно се приготвуваат за само 10 минути.

Моите дома ги обожаваат, уште кога првпат ги направив, мајка ми, татко ми и браќата веднаш ги изедоа за секунда. Оттогаш ги правам речиси секој втор ден. Најдолу во текстот можете да го најдете и видеото со постапката за приготвување. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250-300 г брашно, 250 г густ јогурт (или кисела павлака), 150 мл млеко, 1 јајце, 1 лажичка рендана кора од лимон, 70 г шеќер (5 супени лажици), 10 г прашок за печиво (1 кесичка), масло за готвење, ситен шеќер за наросување




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете едно јајце и 70 г шеќер, па со жица-маталка фино изматете додека шеќерот да започне да се растопува. Потоа додајте 250 г густ јогурт („грчки“ јогурт или кисела павлака), па изедначете додека да се хомогенизира смесата.




Потоа додајте 150 мл млеко во тенок млаз додека мешате непрекинато. Потоа ситно изрендајте кора од лимон, во количина од една полна мала лажичка (или по вкус, се додава малку заради цитрусната арома), додајте ја во смесата и промешајте.




Најпосле во смесата додајте просеано брашно низ сито. Започнете со 250 г, па по потреба додајте уште 50 г, во зависност од тоа како впива брашното. Тестото за сето време се меша со жица маталка. Тоа треба да биде густо и растегливо.




На крај додајте 10 г прашок за печиво (една кесичка) и изедначете ја смесата. Вашето тесто за фритули-крофнички е готово. Во една широка тава загрејте масло за готвење на умерена температура.




Земете мала лажичка, па натопете ја во загреаното масло, а потоа црпнете од тестото и со помош на друга лажичка подбутнете и спуштете во маслото. постапката повторувајте ја додека да се исполни целата површина во тавата, но имајте во предвид дека крофничките малку нараснуваат додека се пржат.




Регулирајте ја температурата на маслото, бидејќи ако е премногу врело тие пребрзо ќе потемнат, а ако е премногу слабо ќе впијат многу масло. Пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат, па со решеткаста лажица вадете ги врз хартиена салветка, па валајте ги во шеќер. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.