„Бевме на гости кога за првпат го пробавме ова јадење. Толку многу ни се допадна, што сите побаравме уште по една порција. Кога ја прашав домаќинката за рецепт, дознав дека всушност многу лесно и едноставно се приготвува. Тајната е во комбинацијата на зеленчукот, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг бело пилешко месо – филети), сол и црн пипер по вкус, малку брашно, малку путер и маслиново масло, 1 главица кромид, 3 чешниња лук, 2 црвени големи пиперки, 7 мали домати, 6 мали компири, 150 мл доматен сос, 100 мл вода, сув зеленчуков зачин или зачински билки по вкус, рендан кашкавал/моцарела




ПОСТАПКА: Тенките пилешки филети зачинете ги со сол и црн пипер од двете страни, а потоа наросете ги со брашно, убаво да се обложат како за похување. Брашното ги затвора порите и вкусниот сок од месото останува внатре.




На умерено тивок оган помешајте малку путер и маслиново масло, па кога ќе се загрее ставете ги филетите и пржете ги по неколку минути од двете страни додека малку да заруменат. Потоа извадете ги во посебна чинија.




На страна ситно исечкајте една главица кромид, три чешниња лук, 2 црвени/зелени големи пиперки (на парчиња со големина на залак) и 7 помали или 3 големи домати, исечени на парчиња, исто така, со големина на залак.




Компирите измијте ги под млаз ладна вода пред лупењето и после лупењето, па исечете ги на помали коцки. Повторно во тавата додајте малку путер и маслиново масло, а може да го искористите и претходното во кое се пржеше месото.




Кога ќе се загрее, најпрво додајте го компирот и оставете да се запржи добро додека да зарумени. Потоа додајте го сечканиот кромид и промешајте, па продолжете го динстањето на умерена температура. Штом малку омекне кромидот додајте ја сечканата пиперка.




Промешајте и пржете неколку минути, а потоа додајте ги доматите и на крај ситно исечканото лукче. Одозгора прелијте 150 мл доматен сос и веднаш намалете ја температурата на најтивко. Посолете и додајте 100 мл вода.




Динстајте неколку минути додека зеленчукот да омекне, па вратете го месето и наредете го врз зелечнукот. Одозгора наросете рендан кашкавал/моцарела и ставете ја тавата 10-тина минути во загреана рерна на 200 степени (тавата не смее да има пластични елементи, во спротивно ставете капак, и гответе на тивко додека да се растопи кашкавалот.




Одозгора наросете ситно сечкан свеж магдонос и послужете го јадењето топло. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.