Неверојатно сочен и нежен куглоф кој ќе го освои вашето срце. Рецептот го препишав неодамна од некаде и сега постојано го правам, најмалку трипати седмично. На маж ми му е омилен бидејќи тој е по овошните вкусови. Јас повеќе сакам чоколадни колачи, но за овој куглоф, отстапувам од моето мислење, бидејќи на вкус е навистина предобар.




Сочен, нежен, готов е за 15-тина минути, а потоа се става на печење. Сѐ што треба да направите е да ги измешате состојките, по редоследот кој е опишан во постапката и потоа да го излеете во специјален калап за куфлоф и да го испечете. Во меѓувреме го подготвувате преливот кој се излева врз оладениот куглоф. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КАЛАП СО ДИЈАМЕТАР ОД 25 СМ: 3 средни јајца, прстофат сол, 100 г шеќер (1/3 чаша), 100 мл сончогледово масло (1/3 чаша), 70 мл млеко (1/4 чаша), 125 г јогурт со малку маснотии (1/2 чаша), 15 г прашок за печиво (1 лажица), 250 г брашно (2 чаши + 1/3 чаша), 150 г суво грозје (1 чаша), 2-3 зелени јаболка. ЗА ПРЕЛИВОТ: 100 г шеќер (1/3 чаша), 8 г путер (1 лажиче), 70 мл неутрална павлака (1/4 чаша).




ПОСТАПКА: Јајцата, млекото и јогуртот потребно е претходно да отстојат на собна температура. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата пенасто изматете ги со помош на жица/маталка. Додека ги матите јајцата постепено додавајте го и шеќерот за и тој да може да се растопи, додека енергично ги матите јајцата.




Кога доволно густо ќе ги изматите, а јајцата ќе осветлат и ќе згуснат, додајте една кесичка ванилин шеќер. Започнете да ја матите смесата со електричен миксер и постепено додавајте го маслото, додека непрекинато матите. Многу е важно пред секое додавање на следната состојка добро да се изматува смесата.




Следно се додава млекото, па потоа и јогуртот. Соединете ја смесата околу 1 минути додека да стане еднолична. На крајот се додаваат сувите состојки, кои претходно треба да ги измешате. Во еден помал сад измешајте го брашното, со прашокот за печиво. Преку сито, просејте ја смесата во сувите состојки.




Откога ќе се додаде брашното и прашокот за печиво, смесата се соединува нежно со шпатула додека да се измеша добро. По додавање на сувите состојки не се препорачува матење со електричен миксер, за смесата да не спласне и да го намали својот волумен. Кога ќе добиете хомогена смеса, без грутчиња, додајте го сувото грозје и измешајте го во смесата.




Калапот за куглоф добро намастете го со путер или маргарин и наросете го со брашно. Калапот мора вака да се подготви за подоцна колачот полесно да излезе од него и за да не се залепи. Кога ќе го наросувате со брашно, вишокот истресете го, да остане само она што се налепило на тенкиот слој путер/масло. Потоа, во него излејте ја изматената смеса со суво грозје.




Малку протресете го калапот за да се распореди рамномерно смесата. Излупете и исечкајте ги јаболката во форма на гравче, со дебелина од половина прст, па наредете ги во смесата околу средишниот дел. Малку притиснете ги за да се потопат во смесата. Ставете го куглофот да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Куглофот се пече околу 35 минути, но најдобро е да се провери со чепкалка.

Печениот куглоф оставете го на жица малку да се подизлади додека го приготвувате преливот. ЗА ПРЕЛИВОТ: Во едно тенџере ставете го шеќерот и вклучете ја ринглата на ниска температура. Кога ќе се растопи и ќе се карамелизира, додајте го путерот и изматете додека да се растопи. Во смесата излејте ја неутралната павлака и мешајте нежно. Гответе уште 1-2 минути додека сѐ да се соедини.

Тргнете ја смесата од рингла и оставете малку да се олади. Изладениот куглоф превртете го на чинија за сервирање и рамномерно прелијте го со топлата карамелизирана глазура.

Вака прелиениот куглоф потребно е да се остави некое време добро да впие од преливот. По желба може и да го избоцкате на неколку места со чепкалка за и внатре да прими од карамелата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.