Без клима уредите, последниве години, летните месеци многу тешко се поднесуваат. Затоа речиси сите ги имаме, но често забораваме дека нередовното чистење на клима уредите предизвикува не само лош квалитет на воздухот и непријатни мириси во домот, туку придонесува за размножување на бактерии, мувла и габички.
Кога ќе го вдишеме воздухот од неисчистен клима уред, може да дојде до опасни реакции во организмот, хронични заболувања, па дури и појава на легионарска болест, која настанува од бактеријата легионела. Станува збор за тешко воспаление на белите дробови, неретко со фатални последици. До инфекција доаѓа кога ќе се вдишат заразени ситни капки од клима-уредот.
Произведувачите препорачуваат уредот да се чисти темелно, барем еднаш годишно, а најдобро при крајот на пролетта. И лекарите советуваат дека одржувањето и чистењето е неопходно пред се од хигиенски, односно здравствени причини. Со чистењето се спречува појава и размножување на бактериите и други микроорганизми.
Во продавниците можете да набавите специјални средства, главно во вид на спреј, со кои се чисти уредот од бактерии и габички, а воедно се дезинфицира. Тие средства би требало да ги користите внимателно и стриктно според упатството, бидејќи само на тој начин може да се гарантира ефикасност.
Надворешните и лесно достапни внатрешни пластични делови внимателно измијте ги со млака вода, во која сте раствориле некое средство за чистење. Може да се користи и детергент за садови.
Доколку одлучите сами да ги извадите и исчистите филтрите од внатрешноста на клима уредот, бидете внимателни бидејќи пластичните „запчаници“ можат лесно да пукнат. Покрај тоа, неопходно е претходно да го прочитате упатството или пак оваа работа да му ја препуштите на некое стручно лице.
Проверката на состојбата на гасот, компресорот или вентилаторот на уредот, може да ја направи само мајстор. Вие можете да ја исчистите надворешната кутија и да го проверите одводното црево, кое може некогаш да се запуши или превитка, па кондензираната вода да нема проток.
Не дозволувајте од клима уредот да започнат да се шират непријатни мириси или таа послабо да работи. Бидејќи, само правилно и на време исчистен клима уред може да создаде здраво опкружување за вас и вашето семејство. Не заборавајте дека клима уредите во автомобилите треба да ги сервисирате на две години. Луѓето кои се склони на алергии тоа треба да го прават почесто, а исто така да ги чистат и клима уредите на работа и дома.
Исто така, многу е важно да се обрати внимание на местото каде се поставува клима уредот. Не би требало да биде свртен така што директно да дува кон местото на кое најчесто се собираат луѓето (гарнитура за седење, трпезариска маса), бидејќи може да предизвика главоболка, воспаление на мускулите, течење нос и солзење на очите. Најдобро е клима уредот да се постави на дискретно место во дневната соба (во ќош) или на позиција која може добро да ги „покрие“ сите простории во станот.
Не заборавајте дека човекот може да доживее и температурни шокови, ако не ракува со уредот правилно. Затоа подесувањето мора да биде пет до осум степени пониско од надворешната температура. Избегнувајте да бидете на директен удар на студен воздух, за да немате тегоби со вратниот и грбниот дел.
Легионарска болест
Кашлица, болки во градите, телесна температура над 40 степени, главоболка и малаксалост пропратена со дијареа… сето ова може да бидат симптоми на болеста, која ја предизвикува опасната бактерија легионела. Кон оваа болест се склони повозрасни лица, особено оние со хронични болести на бубрег, срце и бели дробови, како и лица со послаб имунитет, пушачи и алкохоличари. Трипати почесто заболуваат мажите. Единствена терапија се силни антибиотици, а превенција е редовно чистење на клима-уредите и миење на филтрите.