Повеќето луѓе сакаат нивните алишта да мирисаат на чисто и свежо, а многу домаќинки знаат дека без разлика колку и да стават омекнувач во соодветната преграда за перење, понекогаш едноставно не е така. Алиштата брзо го губат мирисот на омекнувачот, а некогаш дури мирисаат на мувла и непријатно иако тукушто се испрале.
Причината за тоа најчесто се крие во ненавременото вадење на мокрите алишта од машината, при што доаѓа до развој на микроорганизми; неодржување на чистота на самата машина за перење, односно развој на бигор и влага во самата внатрешност, што доведува до пренесување на непријатниот мирис врз алиштата. (Како да ја исчистите машината внатрешно – прочитајте ОВДЕ)
Исто така, како причина може да се појави и несоодветното проветрување, особено во постудените денови, што доведува до непријатен, застојан мирис карактеристичен за нешто „старо, влажно и мувлосано“, а кој со текот на времето влегува во плакарите.
За да исчезне овој мирис, понекогаш е неопходно да се повтори целиот процес на перење. Исто така, алиштата што се сушат надвор, поради влијанија од смог и прашина во градските средини, често го добиваат познатиот непријатен мирис „на изгорено“ кој не може да се отстрани, без разлика колку омекнувачи претходно сте употребиле.
Па, се прашувате? Како конечно вашите алишта да замирисаат на убаво, на парфем и свежина, а тој мирис да се задржи што подолго? Искусните домаќинки велат дека не е сè до омекнувачот. Понекогаш мора да се употребат и неколку трикови.
За да може алиштата да мирисаат долго, потребно е да бидат чисти и испрани на соодветна температура. Иако повеќето жени најчесто применуваат програми за машини за перење кои користат пониски температури, одвреме-навреме е важно да се дезинфицираат алиштата со перење на повисока температура, од 40 степени па нагоре.
Најчесто користениот програм за перење е оној „скратениот“, со ладна вода или на 30 степени, што само ги плакне алиштата но не може длабински да ги испере и да ги дезинфицира. Правилно измиените и дезинфицирани алишта сигурно ќе мирисаат подолго. (Како белите алишта и завесите да бидат уште побели, прочитајте ОВДЕ)
Исто така, редовното проветрување на шкафовите и нивното чистење ќе го спречи создавањето на застоена миризба. Како општо правило, гардеробата што се носи надвор од домот не треба да се враќа назад во плакарот заедно со чистите алишта, а палтата и јакните треба да се одвојат во друг гардеробер.
Знаејќи го ова, многумина алиштата што ги носеле само еднаш, а кои не се валкани, но веќе не се ни чисти, ги оставаат префрлени на столчиња или на некое друго место кое за кратко време се претвора во рид.
Најсоодветно би било овие алишта веднаш да се стават во корпата за перење на краток програм, или да се остават закачени да се лувтираат на чист воздух, ако планирате повторно да ги носите.
Друга важна работа е да избегнувате чад од тутун во просторијата каде што ги чувате алиштата. Чадот од тутун лесно навлегува во влакната на облеката, а ако е премногу изложен, мирисот на чад од тутун може да остане во облеката со години.
Трик 1. За овој едноставен трик, ќе ви треба празно шише со распрскувач, вашиот омилен омекнувач и ладна вода. Истурете омекнувач до половина од шишето, а потоа дополнете го со вода. Значи, направете раствор од омекнувач и ладна вода во сооднос 1:1. Со оваа смеса испрскајте ги свежо испраните алишта и исушете ги вообичаено. Со овој раствор можете да ги прскате завесите, теписите и постелнината за да ги освежувате одвреме навреме.
Трик 2. За овој трик ќе ви треба омекнувач што вообичаено го користите, нов сунѓер и машина за сушење алишта. Земете нов суѓер без рапава страна, исечете го на помали парчиња, а потоа натопете го во омекнувач. Кога испраните и влажни алишта ќе ги префрлате во машината за суење, помеѓу нив ставете ги и овие мали сунѓерчиња натопени со омекнувач.
На овој начин ткаенината ќе го впие мириот на омекнувачот и уште подолго ќе мирисаат. Во поново време има специјални салветки со оваа намена, па доволно е да ставите една ваква салветка и вашите алишта по сушењето ќе мирисаат прекрасно.