Рецепт и видео презентација на Тања од “Мојата Кујна-Тања” – совршена маринада за риба. Оваа маринада може да ја користите за свежа, но и за веќе печена риба. Кога маринадата ќе ја користите за свежа риба, со неа треба да ја премачкате рибата и да ја оставите во фрижидер барем неколку часови.
На тој начин рибата ќе може да ги впие вкусовите од зачините. Истото важи и за веќе печената риба, односно, печената риба ставете ја во марината да отстои неколку часови за убаво да ги впие состојките. За да ја приготвите маринадата ќе ви бидат потребни следните состојки:
100 мл маслиново масло (ако немате маслиново може и сончогледово, но повкусно е со маслиново), половина китка свеж магдонос, 3 чешниња лук, една лажичка сол и лимонов сок од ½ лимон. Оваа маринада количински е доволна за да се премачкаат десет риби.
Постапка: Во поголем сад ставете го маслиновото масло. Трите чешниња лук колку можете поситно исечкајте ги и додадете ги во маслиновото масло. Додадете една кагена лажичка сол и промешајте добро додека да се соединат состојките и да се растопи солта.
Вака измешаното масло тргнете го на страна додека го сечкате магдоносот. Убаво измијте го под млаз ладна вода, исцедете го, отстранете ги дршките и ситно исечкајте ги листовите. Во маринадата додадете го и ситно сечканиот магдонос и промешајте.
Исцедете половина лимон и додадете го сокот. Добро промешајте и оставете некое време (околу 2 часа, додека се пече рибата) за да се поврзат сите вкусови. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Можете да приготвите и: Охридско макало или намаз од лукче, толчени ореви и оригано, вкусно и незаменливо за љубителите. Фотографии и рецепт на Ленче Георгиева-Михајлова – Охридско макало. Овој рецепт ни го презентираше нашата драга членка Ленче Георгиева-Михајлова во групата НМД рецепти и ни откри како се приготвува оригиналното Охридско макало.
Посно и многу вкусно макало за сите љубители на лукот. Одлично одговара со интегрален леб или во комбинација со риба и други јадења. Кој пробал-знае! Потребни состојки: 4 главици лук, 1 лажичка сол, 150 мл вода, 500 мл масло, ½ лимон – сок. Додатоци: печени и толчени ореви, оригано, сечкани маслинки.
Постапка: Лукот убаво исчистете го, а потоа ставете го во блендер заедно со една лажица сол и 150 мл вода, па убаво сомелете го. Може и да се истолчи. Потоа постепено, капка по капка, во многу тенок млаз се додава 500 мл масло и сок од половина лимон.
Постепено се обработува/блендира додека да се згусне, за што е потребно доста време. На крај добиената смеса по желба можете да ја поделите, па во едниот дел да додадете печени толчени ореви, а во друг дел да ставите оригано или ситно сечкани маслинки.