Рецепт на Милица. Ова тесто за погачици го испробав и за кифлички, па оттогаш ни стана најомиленото од сите комбинации, мекичко и мирисно тесто… Верувајте дека овие погачици и кифлички се нешто навистина посебно. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 1 коцка свеж квасец, 2 чаши (од 200 мл) млако млеко, 2 мали лажички шеќер, 2 мали лажички сол, 2 преполни супени лажици маст или 20 мл масло, 3 жолчки од сирови јајца, 1 чаша кисела павлака, околу 1 кг брашно, за погачиците по желба малку масно бело сирење (да не е помалку од 200-300 г, колку повеќе-подобро)

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за фил): 3 белки од сирови јајца, по желба сирење или нешто сувомеснато, а може и урда. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 јајце, 1 лажичка масло. И УШТЕ: доста сусам за убаво да се нароси одозгора и маргарин или путер за печење




ПОСТАПКА: Во помал сад изронете го квасецот, додајте една лажичка шеќер, една-две лажици брашно и малку млако млеко. Промешајте за да се растворат убаво состојките и да нема грутчиња, па оставете настрана 10-тина минути на топло место додека квасецот да ферментира и да запени.




Во посебен сад пенасто изматете две доста полни лажици маст/путер на собна температура заедно со жолчките, па кога ќе се изедначи смесата додајте го киселото млеко и продолжете да матите/мешате додека убаво да се изедначи.




Во брашното додајте ја солта, шеќерот и стасаниот квасец, како и мешавината од маст, жолчки и кисело млеко, па со постепено додавање на остатокот од млакото млеко замесете тесто. Доколку правите погачици тогаш додајте и меко, масно бело сирење, да не е помалку од 200 грама.




За кифличките не мора да ставате сирење, а може, но во тестото за погачиците ставете и тоа колку повеќе, толку подобро. Тестото треба да биде меко и нелепливо. Покријте го и оставете го на топло да стасува додека убаво да го удвои волуменот, а потоа еднаш премесете го и оставете го повторно да стасува.




Кога по вторпат ќе стаса тестото, без да го месите поделете го на половина. Секоја половина посебно развлечете ја во тенка кора, која понатаму ја сечете и обликувате по желба, во триаголници за кифли или со чаша или модла вадете форми.




Кифличките филувајте ги со мешавина од белки и сирење, виткајте ги и редете ги плех обложен со хартија и малку намастен. Одозгора премачкувајте ги со мешавина од изматено јајце и малку масло, а одозгора наросете сусам. Врз секоја кифличка ставајте мали парчиња путер или маргарин, а вкупно ќе ви треба околу 120 г.




Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а за тоа време кифличките ќе стасаат. Печете ги околу половина час или додека убаво да заруменат. Ова е рецептот на мајка ми за погачици. Од ова тесто се развлекува една голема кора и со модли се вадат погачици кои се редат, премачкуваат и печат исто како и кифличките.




А, можат исто како и кифличките да се наросуваат со сусам или семе по ваша желба. А кифличките со ова сирно тесто излегуваат многу меки и мирисни, па така, од истото тесто можете да правите и погачици и кифлички со сирење.