Полека, од вкусните тиквички се префрламе на модрите патлиџани. Тие се многу здрави и треба редовно да ги јадеме, но исто како и тиквичките, во свежа форма ги има само во одреден период од годината. Модрите патлиџани се толку многу вкусни, што во голем број рецепти го заменуваат месото.
Неодамна открив дека од него може да се приготви многу вкусен намаз, кој според вкусот ги засенува сите други. Едноставен е, може да се мачка на леб, но и да се послужува како салата или како прилог на главното јадење. Сметам дека е толку добар што треба да го продаваат во продавниците.
Она што е интересно кај овој намаз е тоа што лесно се прилагодува на различни вкусови, па со додавање или одземање на некои состојки добивате намаз со сосем различен вкус. Ќе ви откријам неколку верзии, па вие одберете која најмногу ви се допаѓа. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г модар патлиџан, 2 главици лук, 5 лажици маслиново масло, 3 лажици лимонов сок, сол, црн пипер и магдонос по желба.
РЕЦЕПТ 2: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 поголем модар патлиџан (400 г), 1/2 главица црвен кромид, 150 г туна во масло, 1 лажица путер, 1 лажица маслиново масло, 50 мл зеленчуков бујон или вода, сол, црн пипер
РЕЦЕПТ 3 со видео презентација: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 модри патлиџани, сол, црн пипер, масло, 1 чешне лук, 2 лажици кисела павлака, 2-4 лажици маслиново масло, лимонов сок и по желба малку копар (5 зрна)
ПОСТАПКА (РЕЦЕПТ 1): Патлиџаните исечете ги на тркалца, потпечете ги во тава на лажица масло (или пресечете ги надолжно на половина и испечете ги во рерна), па оставете ги да се оладат. Добро иситнете ги со блендер, па додајте рендан лук (или истиснат низ преса), магдонос, сол и црн пипер по вкус. Полека додавајте го преостанатото маслиново масло и лимоновиот сок додека да добиете кремаста смеса.
ПОСТАПКА (РЕЦЕПТ 2): Патлиџанот излупете го и исечкајте го на коцкички. Кромидот исто така исчистете го и исечкјате го на ситни коцкички. Туната од конзерва исцедете ја, но маслото сочувајте го. Тргнете настрана неколку парчиња туна за декорација (по желба). Во тава на една лажица загреано масло испржете го кромидот.
Додајте го маслото од туна конзервата и коцките модар патлиџан. Протресете ја тавата, а потоа додајте ја туната. Сето залијте го со 50 мл вода во која сте раствориле 1/2 коцка за супа од зеленчук и продолжете со динстање уште кратко време. Смесата зачинете ја со сол и мелен црн пипер, па со помош на рачен блендер сомелете ја како паштета.
ПОСТАПКА (РЕЦЕПТ 3): Патлиџаните измијте ги, исечете ги надолжно на половина, па направете површински надолжни засеци и посолете ги. Оставете ги вака да отстојат половина час. Потоа избришете ги со хартиена салветка, ставете ги во плех, намастете ги со масло и испечете ги во рерна на 200 степени околу 30-40 минути.
Оставете малку да подизладат, па извадете го „месото“, односно отстранете ја лушпата. Печениот патлиџан посолете го и запиперете го, додајте ситно сечкано лукче, 5 зрна копар, 2 лажици кисела павлака и 1 лажица маслиново масло. Со рачен блендер испасирајте ја смесата додека да стане хомогена. Додајте сол по вкус и лимонов сок. Деталите погледнете ги ОВДЕ.