Имав неколку парчиња бело месо маринирани одвечер, па се обидов да ги подготвам на овој нов начин. Признавам дека не очекував да добијам толку многу комплименти од моите дома, но месото излезе многу сочно и многу вкусно. Дефинитивно го препорачувам овој рецепт, а видео презентацијата од подготовката можете да ја погледнете на линкот подолу во текстот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г бело месо (3 филети), 100 г густ јогурт или кисела павлака, 2 супени лажици соја сос, 1 мала лажичка сенф, 2-3 чешниња лук (кој сака може и повеќе), сол, црн мелен пипер, 1 лажичка црвена зачинска пиперка во прав, мелен коријандер (зачини по вкус), 1 јајце, 3-4 супени лажици брашно




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го јогуртот/павлаката, додајте едно јајце, 1 лажичка сенф (може и лут, по желба), ситно рендан лук (2-3 чешниња), малку сол и црн пипер по вкус, една лажичка црвен пипер во прав и една лажичка мелен коријандер.




Добро измешајте со виљушка или жица маталка додека состојките да се изедначат во хомогена смеса. Вашата смеса за маринирање е готова. Пилешкото месо исечете го на ленти 1 см тенки како за пилешки прсти, а потоа уште еднаш на половина, да се добијат помали парчиња.




Месото прелијте го со приготвената смеса од јогурт и добро измешајте го за да се опфати рамномерно од сите страни. Мешајте со лажица, а може и со раце, како ви е полесно. Најпосле додајте соја сос и уште еднаш промешајте.




Вака приготвеното месо поклопете го со капак или со стреч-проѕирна фолија и оставете го најмалку 2-3 часа во фрижидер или уште подобро, преку цела ноќ. За тоа време сите вкусови и зачини ќе ги впие во себе и дополнително ќе омекне. Оваа маринада го прави месото многу вкусно и сочно.




На умерена температура загрејте околу 30 мл масло во широка тава. Извадете го месото од фрижидер, па додајте 3-4 супени лажици брашно. Промешајте со лажица додека брашното да се впие во течноста и да не останат грутчиња.




Потоа со виљушка вадете парчиња месо и спуштајте ги во загреано масло. пржете ги по неколку минути од двете страни додека да добијат убава златнокафеава боја. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.